Јавното обвинителство отвори предмет врз основа на извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој беа констатирани сериозни неправилности, меѓу кои и нелегална изградба на хотели и на згради, недонесени урбанистички планови и пропусти во финансиското работење.
ДЗР вчера информираше дека Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36 505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот.
Според конечниот Извештај што го објави ДЗР, во дел од населените места се утврдени изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.
Видете и ова: Градиште - Денационализација во фиока, приколки стануваат апартмани, а автокамп законски не постоиСпоред ДЗР, за 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сè уште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.
Ревизијата утврдила и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето, а за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.
Од Општина Охрид вчера посочија дека ќе постапат согласно дадените препораки од Државниот завод за ревизија по Извештајот изготвен врз основа на ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година.
„Општина Охрид ги прими забелешките од Државниот завод за ревизија по спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2024 година. Веднаш се преземени активности за постапување согласно дадените препораки, преку утврдување на конкретни мерки и задолжувања на надлежните институции и одговорните лица“, истакнуваат од Општина Охрид за МИА.
Од Општината Охрид велат дека остануваат посветени на унапредување на финансиското работење, транспарентноста во согласност со законските процедури и важечките прописи.