Комитетот за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ

илустрација

Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска со 44 гласа „за“ и 11 „против“ го усвоија извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ на литванскиот либерален европратеник Петрас Ауштревичиус, пренесе МИА.

Во објаснувачката изјава на извештајот Ауштревичиус наведува дека руската воена агресија врз Украина и тековните значајни геополитички промени предизвикаа нова динамика во процесот на проширување на ЕУ.

„Со доделувањето на статусот земји кандидати за членство на Украина, Грузија и Молдавија, сега има десет држави што тргнаа на патот кон ЕУ. Од перспектива на ЕУ, проширувањето е геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Иако очекувањата и напредокот на одделни земји кандидати се разликуваат, сите тие се оценуваат врз основа на фер и ригорозна условеност, принципот на сопствени заслуги и реверзибилност - вели Ауштревичиус.

Во предлог-извештајот се повторува дека проширувањето е од најголема стратешка важност за ЕУ во услови на руската агресија врз Украина и други заеднички геополитички предизвици, што бара долгорочна политичка демократска визија и храбри одлуки.

„Нерешените билатерални прашања меѓу земјите од ЕУ и земјите што не се членки на ЕУ треба да се решаваат билатерално и не смее да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на кандидатите за членство“, се вели во извештајот.

Видете и ова: Муцунски: Софија да се однесува рационално и да не заглавува во ретроградни наративи

Во него се нагласува и дека регионалната соработка е предуслов за пристапување во ЕУ и дека помирувањето, кое води кон добрососедски односи, е клучно за успешно пристапување во Унијата.

„Проширувањето е добитна опција и за сегашните и за идните земји членки, ја нагласува политичка итност од демонстрирање на посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување, инсистира дека проширувањето на ЕУ ќе ја зајакне европската безбедност и уште еднаш нагласува дека иднината на Западен Балкан, на Украина и на Молдавија е во рамките на ЕУ“, се наведува во предлог-документот.

Видете и ова: Извештај на ЕП: Билатералните прашања не смеат да бидат пречка за пристапување во ЕУ

Меѓудругото, се посочува дека пристапувањето кон ЕУ мора да биде процес базиран на заслуги и дека секој кандидат мора да биде оценуван според сопствените заслуги во однос на исполнувањето на Копенхашките критериуми, усогласеноста со законодавството на ЕУ и исполнување на сите дополнителни услови утврдени во преговарачката рамка.

„Пристапот базиран на заслуги може да подразбира замрзнување на преговорите за пристапување во случај на назадување во однос на фундаменталните вредности, при што преговорите ќе продолжат дури кога ќе се постигне значителен напредок во реформите. Земјите што не се успешни во однос на демократското управување мора да се соочат со последици за да се обезбеди дека процесот на пристапување останува навистина базиран на заслуги“, се наведува во предлог-извештајот.

Во документот се посочува дека паралелно со подготовките на земјите кандидати за членство и ЕУ мора да ги спроведе потребните реформи за да се подготви за прием на нови членки, при што се предлага воведување гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување, со укинување на консензусот при одлучување во меѓуфазите во преговарачкиот процес.

Во него се оценува дека претпристапната финансиска помош за Западен Балкан, Украина и Молдавија е клучна за нивна институционална и економска трансформација и се нагласува важноста на вклучувањето на земјите кандидатки во тековните и идните проекти на ЕУ за поврзување, транспорт, енергија и воена мобилност.

Документот сега треба да биде усвоен од страна на Европскиот парламент, најверојатно на следната пленарна сесија во Стразбур кон средината на февруари.