Европската комисија најави поддршка во износ од 171 милион евра за поттикнување на развојот на инфраструктурата и растот на приватниот сектор во Западен Балкан.
Од овој износ, 94,7 милиони евра се наменети за инфраструктурни инвестиции, 76,3 милиони евра за поддршка на приватниот сектор, додека 2,9 милиони евра се определени за четири проекти за техничка помош во Албанија и Босна и Херцеговина.
Овие проекти се насочени кон подготовка на идни вложувања во секторите на енергетиката, водоснабдувањето, иновациите и истражувањата.
Средствата доделени за инфраструктурните проекти, според соопштението на Европската комисија, треба да мобилизираат вкупно 263 милиони евра инвестиции преку седум проекти во приоритетни сектори, вклучувајќи дигитализација, чиста енергија, човечки капитал, сообраќај и заштита на животната средина.
Видете и ова: Европски пари: ветени милиони, бавни реформиПроектите вклучуваат воведување широкопојасна инфраструктура во Албанија, унапредување на системот за пренос на електрична енергија во Северна Македонија, како и изградба и енергетски ефикасна обнова на образовни објекти во Северна Македонија и Црна Гора.
Како што наведуваат од Европската комисија, проектите ќе ги спроведуваат партнери од Западен Балкан во соработка со меѓународни финансиски институции.
„Вложувањето во нашите партнери на Западен Балкан е клучно за нивното приближување кон ЕУ. Повеќе од две години по усвојувањето на Планот за раст за Западен Балкан, работевме, вклучително и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, на претворање на обврските во конкретни дела. Од унапредување на инфраструктурата до зајакнување на развојот на бизнисот, овие вложувања создаваат реални можности за граѓаните и ја прават ЕУ опиплива реалност низ целиот регион“, соопшти европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Видете и ова: Идното финансирање од ЕУ ќе биде условено со „конкретни резултати“Новиот пакет на поддршка опфаќа инвестициски придонеси од повеќе извори на финансирање на ЕУ, вклучително и Инструментот за претпристапна помош (ИПА), билатерални донатори преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и Инструментот за реформи и раст.
„Денешниот пакет за финансирање вклучува инвестициски проекти и проекти за техничка помош кои денес се одобрени, со што дополнително се зајакнува посветеноста на ЕУ на одржливиот раст и регионалната поврзаност во Западен Балкан“, наведува Европската комисија.
По одобрувањето од страна на Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, проектите можат да преминат во фаза на имплементација.
Ова подразбира финализирање на потребните договори со партнерските институции и корисниците, започнување на подготвителни студии за активностите за техничка помош и завршување на процедурите неопходни за реализација на проектите од приватниот сектор.
По завршувањето на овие процеси, може да започне спроведувањето на поддржаните инвестиции.