Враќање на довербата во институцијата народен правобранител, соработка и кадровска екипираност ќе бидат приоритети на новоизбраниот народен правобранител Фатон Селами, кој денеска, 26 јануари даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод стапувањето на функцијата.
Селами се заблагодари за укажаната доверба и вети дека ќе работи професионално, непристрасно, со највисока посветеност кон граѓаните и со почитување на Уставот и законите.
Тој информира дека негов приоритет е да се врати довербата во институцијата народен правобранител.
„Во тој правец ќе работиме со сите релевантни фактори, со Собранието и со Владата за првин да се направи кадровска екипираност на институцијата народен правобранител. Таа институција кадровски е преполовена, а нè очекува избор на осум заменици на народниот правобранител. Имам информација дека има еден предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, кој ќе треба да го видиме уште еднаш со стручните служби и во соработка со Собранието на Северна Македонија во најбрз можен рок да ги поминеме тие законски измени“, рече Селами.
Видете и ова: Фатон Сељами е новиот Народен правобранителНа новинарско прашање како ќе се справи со перцепцијата во јавноста дека институцијата Народен правобранител најчесто се соочувала со немање слух кај другите институции, Селами изјави дека тоа е предвидено во измените од Законот за народниот правобранител, односно, како што рече, да има можност да изрекува и прекршоци.
„Сега единствена алатка ни се медиумите. Со препораки, со јавен укор и во соработка со медиумите. Мислам дека ќе треба во законските измени да има и прекршочни одредби доколку со друг начин не може да се почитуваат препораките на народниот правобранител“, појасни Селами.
Видете и ова: Нема Бадентер нема ни народен правобранител - ќе има ли „креативно решение“?Фатон Селами доаѓа на местото на поранешниот народен правобранител Насер Зибери, кој на 12 јули 2025 година го заврши мандатот поради исполнување услови за пензионирање.
Новиот омбудсман е дипломиран правник и магистер по правни науки, со положени правосуден и нотарски испит. Мандатот на народниот правобранител трае осум години, со можност за уште еден повторен избор во согласност со Законот и процедурите на Собранието.