Кина: договорот со Канада не е против САД

илустрација

Кина соопшти дека прелиминарниот трговски договор со Канада „не е насочен кон трети страни“ откако Соединетите Држави се заканија дека ќе воведат 100-процентни царини за канадските производи доколку договорот биде финализиран.

Според договорот, објавен овој месец, се очекува Пекинг да ги намали царините за увоз на канадска канола и да им овозможи на Канаѓаните безвизно патување во Кина.

Но, во текот на викендот, САД - традиционалниот сојузник на Канада - се заканија дека ќе воведат 100-процентни царини за канадските производи доколку договорот се реализира, велејќи дека тоа ќе ѝ овозможи на Кина да „фрла стока“.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, во понеделник, 26 јануари изјави дека трговскиот договор не е насочен кон Вашингтон.

Видете и ова: Трамп: Сите трговски преговори со Канада се прекинати

„Кина и Канада воспоставија нов вид стратешко партнерство... тоа не е насочено кон трети страни“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, на редовната прес-конференција.

„Кина се залага земјите да пристапат кон односите меѓу државите со начин на размислување „win-win“, а не „zero-sum“ и преку соработка, а не конфронтација“, додаде тој.

Договорот беше објавен за време на посетата на канадскиот премиер Марк Карни на Пекинг овој месец, додека тој се обидува да се дистанцира од Соединетите Држави под водство на претседателот Доналд Трамп.

Канада и Соединети Држави се заглавени во трговска војна откако администрацијата на Трамп воведе увозни давачки за нивниот северен сосед.

Во неделата, Трамп на социјалните медиуми напиша дека преговорите меѓу Отава и Пекинг доведоа до тоа Кина „успешно и целосно да ја преземе некогаш големата земја Канада“.

По коментарите на претседателот, американскиот министер за финансии Скот Бесент им рече на американските медиуми дека „не можеме да дозволиме Канада да стане повод Кинезите да ги истурат своите евтини стоки во САД“.