Бројот на жртви на протестите во Иран можеби надминува 30.000 луѓе, според двајца високи ирански здравствени службеници кои разговарале со списанието „Тајм“, пренесе англискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во извештајот, објавен на 25 јануари, се вели дека поголемиот дел од смртните случаи се случиле од 8 до 9 јануари, кога владиното задушување на протестите низ целата земја го достигна врвот.
Поради интензивната цензура и продолжено исклучување на интернетот, информациите не можеа да бидат независно потврдени.
Пријавената бројка остро се спротивставува на официјалниот број жртви (3.117) објавен од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, но е поблиску до меѓународните проценки.
Видете и ова: „Тела зад секој автомобил“: Сведоштва за убиствата во иранските градовиОбединетите нации(ОН) посочија на значително поголеми жртви, а Маи Сато, специјалниот известувач на ОН за човекови права во Иран, на 22 јануари изјави дека бројот на цивили убиени во репресијата би можел да надмине 20.000, според извештаи од лекарите.
Организацијата „Амнести интернешнл“ ги опиша убиствата како убиства од „невидени размери“.
Според „Тајм“, обемот на смртни случаи во текот на тие два дена - кога опозиционерите ги повикаа луѓето да се приклучат на протестите - ги преоптовари државните ресурси. Според извештаите, службениците останале без вреќи за тела, амбулантните возила не можеле да ги транспортираат мртвите, а властите прибегнале кон користење камиони со 18 тркала.
Овие проценки, според извештаите, се совпаѓаат со болничките податоци прегледани од д-р Амир Параста, германско-ирански очен хирург. Според него, проценките на лекарите и на други лица кои први реагирале покажува најмалку 30.304 смртни случаи од 23 јануари, бројка за која предупреди дека останува нецелосна.
Протестите избувнаа кон крајот на декември 2025 година, во услови на растечко јавно незадоволство поради економски тешкотии, зголемена инфлација и остриот пад на иранската валута, ријалот.
Првичните демонстрации поради трошоците за живот и лошо економско управување брзо се проширија во неколку градови и ескалираа во пошироки антирежимски протести, предизвикувајќи смртоносен одговор од безбедносните сили.