Русија почна уште еден огромен напад врз енергетскиот систем на Украина во раните утрински часови во саботата, потресувајќи го Киев со експлозии во текот на ноќта и оставајќи 1,2 милиони објекти без струја низ целата земја, јави Ројтерс.
Речиси шест илјади згради во главниот град останаа без греење на 24 јануари утрото, бидејќи температурите се движеа околу -10 целзиусови степени. Становите на многу жители веќе беа ладни и од прекините во централизираниот систем за дистрибуција на топлина во градот по претходните напади.
Москва нападна додека трилатералните разговори меѓу Русија и Украина со посредство на САД, продолжија втор ден во Абу Даби, без знаци за компромис во петокот, на 23 јануари.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека едно лице е убиено а четворица се повредени, додека 19 лица, вклучувајќи едно дете, се ранети во Харков.
Русија, која ја напаѓа електроенергетската мрежа на Украина од нејзината целосна инвазија во 2022 година , ја спроведува својата
најсилна кампања на бомбардирање на енергетските објекти
оваа зима, оставајќи ги луѓето низ Украина само со неколку часа струја дневно, а некои без греење или без вода, според Ројтерс.
Повеќе од 800.000 луѓе во главниот град на Украина и уште 400.000 во северниот регион Чернигов останаа без струја по последните напади, изјави вицепремиерот Олексиј Кулеба.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија во овој ноќен напад лансирала 375 беспилотни летала и 21 ракета, вклучувајќи две од нејзините балистички ракети „Циркон“.
Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на Киев, пријави напади во најмалку четири области. Меѓу оштетените згради беше и медицинска установа.
Пред саботата, Киев веќе претрпе два масовни напади преку ноќ по Нова Година, што ги прекинаа електричната енергија и греењето на стотици станбени згради.
Во Харков, честа цел на 30 км од руската граница и многу поблиску до источните бојни фронтови, градоначалникот Игор Терехов рече дека 25 беспилотни летала погодиле неколку области.