Сопственикот на швајцарски бар кој беше зафатен од смртоносен пожар на Нова Година на 23 јануари беше ослободен од притвор со кауција, соопштија судските власти, предизвикувајќи гнев кај семејствата на жртвите и кај италијанската премиерка, јави Ројтерс.
Жак Морети и неговата сопруга Џесика се под истрага за убиство од небрежност и други кривични дела поврзани со пожарот во бар во Кран - Монтана на Нова година, во кој загинаа 40 лица и повеќе од 100 беа повредени, многу од нив тинејџери.
Многу од преживеаните сè уште се хоспитализирани со тешки изгореници во болниците низ Европа.
Жак Морети беше приведен на 9 јануари. Кауцијата за него е 200.000 швајцарски франци (253.485 долари) и налог за секој ден да се јавува во полициска станица, соопшти судот.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја нарече одлуката за негово ослободување „навреда кон сеќавањето на жртвите од новогодишната трагедија и навреда кон нивните семејства, кои страдаат од загубата на своите најблиски“.
„Италијанската влада ќе бара одговори од швајцарските власти за тоа што се случило“, напиша таа на мрежата Икс.
Шестмина од загинатите беа Италијанци, како и десет од повредените.
Адвокатите на жртвите и нивните семејства, исто така, рекоа дека се обидуваат да ја разберат судската одлука и рекоа дека нивните клиенти се загрижени дека ќе исчезнат доказите.
„Моите клиенти забележуваат дека уште еднаш не е земен во предвид ризикот од исчезнување на доказите - ризик што многу ги загрижува и го загрозува интегритетот на постапката“, рече Ромен Џордан, швајцарски адвокат на повеќе од 20 семејства на жртви.
Сопствениците на барот изразија жалење поради трагедијата и рекоа дека ќе соработуваат со обвинителите.
„Џесика и Жак Морети ќе продолжат да ги исполнуваат сите барања на властите“, соопштија нивните адвокати по наредбата за ослободување.
Обвинителите рекоа дека ги испрашувале сопствениците на барот „Ле Констелејшн“ за безбедносни прашања и за реновирањата на објектот во две рочишта кои траеле повеќе од десет часа.
Обвинителите рекоа дека исто така, наредиле претреси, обезбедиле докази и заплениле средства.
Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб се под истрага поради сомнение за сторени кривични дела вклучително и убиство од небрежност.