САД ја продолжија лиценцата, НИС и рафинеријата продолжуваат со работа

Зградата на седиштето на српската нафтена компанија НИС/15 јануари 2025 година.

Американската Канцеларија за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) ја продолжи оперативната лиценца на Нафтната индустрија на Србија до 20 февруари, потврди во петокот претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ.

„Ова значи дека НИС и Рафинеријата ќе продолжат со работа. Со ова се обезбедува дополнително време за нашите граѓани, за државата и за стопанството“, изјави Брнабиќ на прес-конференција во Собранието на Србија.

Како што јави Радио-телевизија Србија, ОФАЦ во писмото наведува дека услов за продолжување на лиценцата е трансакциите да не вклучуваат американски субјекти или финансискиот систем на САД, како и да не бидат поврзани, да не се вршат во име или во корист, директно или индиректно, на кој било друг блокиран субјект освен НИС.

Услов е и трансакциите да не вклучуваат каква било друга активност што е предмет на санкции согласно Прописите за санкции поради штетни надворешнополитички активности на Русија.

Видете и ова: Нафтената индустрија на Србија доби од САД лиценца за работа до 23 јануари

НИС во моментов е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво, а за укинување на санкциите американската администрација бара повлекување на Русија од сопственичката структура.

Унгарската групација МОЛ на 19 јануари потврди дека ги потпишала главните одредби на обврзувачки рамковен договор со руската компанија „Гаспромнефт“ за купување на 56,15 проценти удел во НИС.

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, на 20 јануари изјави дека НИС поднел барање до американската администрација за продолжување на лиценцата за работа, додека траат преговорите во врска со тоа.

За склучување на таа трансакција неопходна е согласност од Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.

Претходната лиценца за продолжување на работата, која НИС ја доби пред три седмици, истекува на полноќ.