Американската амбасадорка Анџела Агелер, пред заминувањето од земјава, преку социјалните мрежи упати порака до македонските граѓани, во која истакна дека „заслужуваме да бидеме земја каква сакаме да бидеме и оти заминува со верба во силата и храброста што ја имаме да го постигнеме тоа.“
Таа порачува дека САД секогаш ќе бидат покрај земјата и дека ќе го споделуваат нашиот сон за посилен, попросперитетен, побезбеден, целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник.
„Пред три години пристигнав во Скопје како десетти амбасадор на САД во оваа прекрасна земја. Бев, и сè уште сум, длабоко почестена од извонредната привилегија да ја претставувам мојата голема нација во вашата земја. Кога стапив на оваа улога, реков дека имам огромна верба во силата и храброста на народот на Северна Македонија. Оттогаш, таа верба е оправдана, обновена и зајакната одново и одново“, вели Агелер:
„Исто така, реков дека цврсто верувам дека сега е времето да се направи вистинска разлика - да се зајакне економскиот раст, енергетската независност, судскиот интегритет, образовната извонредност, културната отпорност и европската интеграција. Во некои области, соработувајќи тесно, постигнавме вистински напредок. Во други, останува работата, посочува Агелер во пораката до македонските граѓани“, вели таа.
Потестува дека 2025 година ја одбележа 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија, иако, како што вели, „нашето партнерство датира од поодамна.“
„Соединетите Американски Држави секогаш ќе бидат покрај вас, верувајќи како и многумина од вас, во сонот за посилен, попросперитетен, побезбеден, целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник. Ве оставам со последна порака на надеж - ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонувате дека може да биде. По три години, сè уште ја негувам огромната вера што ја имам во силата и храброста на народот на Северна Македонија“, вели Агелер.