Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека добила лична покана од американскиот претседател Доналд Трамп да ја претставува земјата во Комитетот за мир, „како член-основач“.
Се очекува комитетот да го надгледува управувањето со Појасот Газа откако САД посредуваа во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група која Вашингтон и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација.
„Храброто раководство не само што зборува за мир, туку го гради. Токму тоа го прави претседателот Трамп преку оваа историска иницијатива“, напиша Османи на Фејсбук, објавувајќи ја поканата испратена од Трамп.
Претседателката на Косово рече дека САД донеле мир во Косово и дека Косово сега е нивен „непоколеблив сојузник во понатамошното промовирање на мирот“.
„Историјата ги памети оние кои преземаат смели чекори во градењето мир - и ние сме подготвени“, напиша Османи.
Во писмото на Трамп, со датум од 20 јануари, се вели дека на 29 септември 2025 година го објавил Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, план од 20 точки „брзо одобрен од сите светски лидери“. Во писмото се споменува и резолуција на Обединетите Нации што го поддржува планот.
„Сега е време овие соништа да се претворат во реалност. Во срцето на планот е Комитетот за мир, најимпресивниот комитет некогаш создаден“, се наведува во писмото на Трамп.
Трамп изјави дека очекува понатамошна соработка со Османи „далеку во иднина, кон постигнување на целта за траен светски мир, просперитет и величина за сите“.
Видете и ова: Кути: Косово ги прифаќа мигрантите депортирани од САДНеколку меѓународни медиуми, повикувајќи се на извори, објавија дека Трамп сака земјите да платат 1 милијарда долари за да станат постојани членки. Според CNN, оние што нема да ја платат оваа сума ќе имаат тригодишен мандат.
Беким Купина, советник за медиуми на претседателката на Косово, изјави дека не е побарано такво плаќање.
„Значи, не се бара плаќање од милијарда долари. Тоа можете да го видите во повикот“, рече тој.
Покрај Косово, и Албанија ја прифати поканата на Трамп.
Вакви покани добија и лидерите на Израел, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Бахреин, Канада, Аргентина, Парагвај, Азербејџан и други земји.
Трамп ги покани и Кина и Русија. Сепак, не сите што ја примија поканата на Трамп се обврзаа да бидат дел од Одборот. Поканата за учество беше одбиена од Франција и Шведска.
Пред неколку дена беа објавени уште неколку имиња што САД ги назначија за членови на тој комитет. Меѓу имињата се државниот секретар на САД, Марко Рубио, специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Трамп претседава со комитетот, според план што неговата Бела куќа го објави во октомври.
Израел и Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација го одобрија планот на Трамп, кој бара палестинското технократско тело да биде надгледувано од меѓународен одбор за управување со Газа за време на преодниот период.
Видете и ова: Трамп и Нетанјаху се согласија за план за завршување на војната во Газа, чекаат одговор од ХамасМногу експерти и активисти за човекови права изјавија дека надзорот на Трамп врз одборот што ја контролира владата на странска територија потсетува на колонијална структура, додека вмешаноста на Блер беше критикувана минатата година поради неговата улога во војната во Ирак и историјата на британскиот империјализам на Блискиот Исток.
Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации, усвоена кон средината на ноември минатата година, го овласти Комитетот и земјите што соработуваат со него да го основаат телото во Газа.
Белата куќа, исто така, назначи Извршен комитет за Газа од 11 члена, во кој се вклучени турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, специјалниот координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток Сигрид Каг, министерот за меѓународна соработка на Обединетите Арапски Емирати Рим ел-Хашими и израелско-кипарскиот милијардер Јакир Габај, заедно со неколку членови на извршниот комитет.
Белата куќа потврди дека поранешниот бугарски министер за надворешни работи Николај Младенов ќе ја предводи преодната администрација во Газа.
Дополнителниот одбор ќе ја поддржува канцеларијата на Младенов и палестинското технократско тело.
Израел и Хамас се согласија на прекин на огнот пред три месеци, но оттогаш страните разменуваат обвинувања за негово кршење.
Војната меѓу Израел и Хамас започна во октомври 2023 година, откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи речиси 1200 луѓе и киднапирајќи повеќе од 250. Војната уби десетици илјади луѓе во Газа, предизвика криза со глад и широко распространето уништување.