Иран сè уште е без интернет

Илустрација

Иранците се соочуваат со едно од најдолгото исклучување на интернет во историјата, откако властите воведоа дигитална блокада на 8 јануари, заедно со насилно задушување на антивладините протести.

Иако властите употребија невидена сила за да ги задушат демонстрациите против иранските религиозни лидери кои траат неколку недели, останува нејасно кога ќе се врати пристапот до интернет.

Дури и кога услугите ќе бидат обновени, Иранците би можеле трајно да бидат исклучени од глобалниот интернет, бидејќи властите се обидуваат да ги принудат граѓаните да користат домашна „интранет мрежа“ која работи независно од глобалниот интернет, предупредуваат дигиталните експерти.

Организацијата за следење на интернетот Нетблокс (NetBlocks), на 20 јануари изјави дека прегледот на сообраќајот од некои ограничени услуги и платформи сугерира дека владата можеби експериментално преминува на „поврзување базирано на бела листа“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Иранци во Босна и Србија: „Се надеваме на крај на репресијата“

Внесувањето на бела листа е вид на цензура на интернет каде што властите го блокираат пристапот до поголемиот дел од глобалниот интернет, додека селективно дозволуваат ограничен број одобрени веб-страници, апликации и услуги.

Според иранската организација за дигитални права Филтербан, поврзана со групата Миан со седиште во Тексас, интернет политиката на Исламската Република се префрлила во фаза на „тотална блокада“, во која исклучувањето е правило, а пристапот се дава само селективно.

Анализата опишува промена од „широко распространето филтрирање“ кон она што Филтербан го нарекува „контрола на воените комуникации“, каде што пристапот до интернет се третира како исклучок, а не како норма.

Висок владин претставник вети на 19 јануари дека интернетот ќе се врати во „нормала“ до крајот на неделата.

Сепак, иранските новински агенции цитираат изјава од 15 јануари на портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани со која посочува дека пристапот до интернетот ќе биде недостапен барем до Персиската Нова Година во март.

Тековната интернет блокада предизвика огромна штета на дигиталната економија на Иран.

Реза Олфатсефат, секретар на Иранската асоцијација за интернет бизнис, рече дека исклучувањето веќе предизвикало над 288 милиони долари финансиски загуби за малите и големите бизниси.

Историја на блокадата

Иран го регулира пристапот до популарните страници на социјалните медиуми од 2009 година, кога избувнаа масовните протести по спорниот реизбор на популистичкиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

За време на протестите во ноември 2019 година, предизвикани од наглото зголемување на цените на горивата, иранските власти за прв пат воведоа исклучување на интернетот низ целата земја, насилно потиснувајќи ги демонстрациите.

Исклучување на интернетот беше воведено и за време на неколкумесечните протести „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.

Тврдокорните следбеници на иранската владина политика ја поддржуваат сегашната дигитална блокада, држејќи се до официјалниот став дека исклучувањето на интернетот е од суштинско значење за заштита на националната безбедност во време на немири.

Но, дури и ако властите го вратат пристапот до интернет, дури и во ограничена форма, нема план за враќање на пристапот до популарните апликации на социјалните медиуми - вклучувајќи ги Instagram, WhatsApp и Telegram - до кои Иранците претходно можеа да пристапат.

„Со оглед на моменталните околности во земјата, нема простор за повторно овозможување на пристап до странски апликации за пораки“, рече претседателот на Комисијата за дигитална трансформација на Иран, Ахмад Нируманд, сугерирајќи дека интернетот ќе биде ограничен на канали одобрени од државата по блокадата.

Иранските власти со години се обидуваат да ги охрабрат граѓаните да користат домашни социјални медиуми со блокирање на пристапот до популарни странски алтернативи, но со мал успех. Забранетите странски апликации остануваат широко користени, бидејќи многу Иранци користат VPN мрежи за да ги заобиколат државните контроли.