Европратениците ќе го одложат одобрувањето на трговскиот договор со САД

Европскиот Парламент во Стразбур

Европратениците на 20 јануари се согласија да го одложат ратификувањето на клучниот трговски договор со Соединетите Американски Држави по заканите на претседателот Доналд Трамп за нови царини поради Гренланд, соопштија главните политички групи во Европарламентот во Стразбур.

Предупредувачкиот удар од Европскиот парламент доаѓа во време кога 27-члениот блок размислува колку силно да возврати ако Трамп продолжи со најавеното против долгогодишните сојузници на Вашингтон, јавува новинската агенција Франс прес

Одложувањето не го поништува договорот, договорен во јули со Трамп по месеци интензивни расправии во кои Вашингтон воведе царини од 15 проценти за стоките од ЕУ.

Но, со суспендирање на одобрувањето,Европарламентот испраќа силна порака на незадоволство до Белата куќа, за која пратениците на ЕУ тврдат дека ќе ги вознемири американските бизниси.

„Тоа е исклучително моќна алатка - не мислам дека компаниите би се согласиле да се откажат од европскиот пазар“, изјави за новинарите Валери Хајер, претседателка на центристичката пратеничка група „Обнова“.

Видете и ова: Европската комисија порача дека има контрамерки ако САД воведат царини за Гренланд

Трамп се закани дека ќе воведе царини против шест земји од ЕУ - вклучувајќи ги и моќните Франција и Германија - поради непочитување на неговото барање за добивање на Гренланд.

Лидерите на ЕУ треба да одржат вонреден самит во Брисел во четврток вечерта поради заканите на САД против автономната територија на Данска, Гренланд.

Блокот разгледува различни одговори доколку Трамп не се повлече, вклучително и ставање на минатогодишниот трговски договор на „пауза“ и наметнување на царини од 93 милијарди евра односно 108 милијарди долари врз САД.

Пакетот одмазднички царини беше договорен по трговскиот застој меѓу ЕУ и САД минатата година, но на крајот беше суспендиран до 6 февруари за да се избегне тотална трговска војна.

Покрај тоа, францускиот претседател Емануел Макрон врши притисок да го ослободи моќниот инструмент на блокот против принуда за трговија што ќе го користи во случај Трамп да ги оствари своите закани.