Министерство за здравство: Предлог-законот за пушењето е заштита на правото на здраво работно место

Пушење во ресгоран во Скопје - архива

Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.

Како што информира Министерството за здравство, според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите. Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни.

„Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања“, велат од министерството.

Предлог-законот, како што се наведува, ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.

„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство Азир Алиу.

Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.

Околу четири илјади животи годишно згаснуваат во Северна Македонија како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи овде е 40,4 отсто.

Во последните пет години, од цигарите успеале да се откажат само пет проценти од пушачите – покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје. Овие податоци и предупредувањата од лекарската фела за штетните влијаниja од пушењето, особено врз децата, го вклучија „алармот“ кај здравствените власти.

Низата на објекти каде пушењето се предвидува да биде забрането е многу подолга.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Забрането пушење во автомобил со дете и на поткаст. Какви други рестрикции носи новиот закон?

Така, цигари нема да смеат да се пушат ниту во објектите на аеродромите, железничките и автобуските станици, како и езерски пристаништа. Забраната ќе ги опфати и објектите за престој и сместување на деца, ученици и студенти, но и оние објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа.

Оттука, пушењето ќе биде забрането не само во, туку и пред игротеките и приватните установи за грижа за деца. Рестрикциите одат дотаму што пушењето се забранува дури и во приватните возила во присуство на деца.

Но, рестриктивните одредби ги опфаќаат и полициските станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.

Во угостителските објекти каде пушењето досега беше делумно дозволено, исто така се воведуваат забрани за пушење, па од новото законско решение нема да бидат „ослободени“ ниту рестораните, баровите, меаните, кантините и сите останати угостителски објекти за исхрана кои се дефинирани согласно Законот за угостителска дејност.

Овие забрани се однесуваат не само на класичните, туку и на електронските цигари или поточно, на сите „уреди за консумирање на тутун и никотин“.

На граѓаните веќе со закон ќе им биде забранета и „опцијата“ за да купуваат тутунски производи на парче (по цигара).

Но, сите овие производи, освен за консумирање, ќе бидат забранети и за прикажување, меѓу другото и во компјутерски и социјални забавни игри, независно од тоа на која возрасна категорија се однесува нивната намена.

Со оваа забрана се опфатени и медиумите – како традиционалните, така и новите. Прикажувањето на цигарите нема да смее да биде дел од каква било каква радио или телевизиска содржина, ниту пак, од содржините што ги пласираат инфлуенсерите и подкастерите на интернет.

Со член 9 од новиот закон, се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.