Трамп го доби нобеловиот медал за мир од венецуелската опозиционерка Мачадо

Американскиот претседател Доналд Трамп на средба со лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо во Вашингтон.

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо му го врачи својот медал за Нобелова награда за мир на американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивниот состанок во Белата куќа, во обид да влијае на неговите напори да ја обликува политичката иднина на нејзината земја.

Претставник на Белата куќа потврди дека Трамп има намера да го задржи медалот. Во објава на социјалните мрежи доцна во четвртокот, Трамп напиша:

„Марија ми ја врачи својата Нобеловата награда за мир за работата што ја направив. Прекрасен гест на меѓусебно почитување. Ти благодарам, Марија!“

Мачадо, која го опиша состанокот како „извонреден“, рече дека подарокот е признание за, она што таа го нарече, негова посветеност на слободата на венецуелскиот народ.

Белата куќа подоцна објави и фотографија од Трамп и Мачадо, каде што претседателот држи голема, златна рамка во која се наоѓа медалот.

Во рамката има и текст со кој се наведува: „До претседателот Доналд Џ. Трамп, во знак на благодарност за вашето извонредно лидерство во промовирањето на мирот пред силата“. Овој чин беше опишан како „личен симбол на благодарност во име на венецуелскиот народ“.

Видете и ова: Мадуро е надвор од Венецуела, но Русија можеби не

Обидот на Мачадо да влијае на Трамп дојде откако тој ја отфрли идејата да ја назначи за лидерка на Венецуела, на местото на соборениот Николас Мадуро.

Трамп отворено лобираше тој да ја добие Нобеловата награда за мир и се жалеше дека бил заобиколен откако Мачадо беше објавена како добитничка.

Иако Мачадо му го даде на Трамп златниот медал што го добиваат лауреатите, сепак, наградата останува нејзина. Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека наградата не може да се пренесе, сподели или одземе.

На прашањето во среда дали сака Мачадо да му ја даде наградата, Трамп за Ројтерс изјави: „Не, не го кажав тоа. Таа ја освои Нобеловата награда за мир“.

Републиканскиот претседател долго време изразува интерес за освојување на наградата и повремено ја поврзува со неговите дипломатски достигнувања.

Состанокот со венецуелската опозиционерка, кој траеше нешто повеќе од еден час, беше прва нивна средба лице в лице.

По средбата, Мачадо во Капитол Хил се сретна со повеќе од десетина сенатори меѓу кои и републиканци и демократи.

За време на нејзината посетата, портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, изјави дека Трамп со нетрпение очекува да се сретне со Мачадо, но остана на својата „реална“ проценка дека таа во моментов ја нема потребната поддршка за да ја води земјата на краток рок.

Мачадо, која избега од јужноамериканската земја преку море во декември, се „натпреварува“ за наклонетоста на Трамп со членовите на венецуелската влада и се обидува да обезбеди улога во идното управување на земјата.

Видете и ова: Криминални групи од Балканот и шверц на кокаин: Венецуелската врска

Откако САД упаднаа во Венецуела овој месец и го уапсија соборениот претседател Николас Мадуро, опозициските претставници, членовите на венецуелската дијаспора и политичарите низ САД и Латинска Америка изразија надеж дека Венецуела може да започне процес на демократизација.

Надеж за демократизација на Венецуела

Демократскиот сенатор Крис Марфи, еден од сенаторите што се сретнаа со Мачадо, рече дека лидерката на опозицијата им кажала на сенаторите дека репресијата во Венецуела не е поинаква од тоа што била во време Мадуро.

„Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, е ’вешт политичар‘ која секој ден станува сè поцврста благодарение на поддршката на Трамп. Се надевам на избори, но сум скептичен“, рече сенаторот од Конектикат, Марфи.

Трамп изјави дека е фокусиран на обезбедување пристап на САД до венецуелската нафта и на економска обнова на Венецуела. Тој неколку пати ја фалеше Родригез, која го презеде раководството на Венецуела по апсењето на Мадуро. Во интервју за Ројтерс во среда, Трамп рече: „Беше многу добро да се работи со неа“.

Мачадо беше дисквалификувана од кандидирање на претседателските избори во Венецуела во 2024 година од страна на Врховениот суд каде судиите се сметаат за сојузници на Мадуро.

Видете и ова: Трамп ја повика Куба да склучи договор со САД и предупреди дека повеќе нема да добива нафта од Венецуела

Надворешните набљудувачи се убедени дека Едмундо Гонзалез, кандидат на опозицијата кој беше поддржан и од Мачадо, на тогашните избори победи со убедлива разлика, но Мадуро прогласи победа и ја задржа власта.

Сегашната влада во Венецуела последните денови ослободи десетици политички затвореници, но меѓународни организации и активисти велат дека обемот на ослободувањата е преувеличен од страна на Каракас.