Нови правила во Велика Британија за полесно повикување резервисти во војна

Полска - Војник на британската армија од кралскиот тенковски полк, за време на вежбата „Итен одговор“ во воената зона Дравско поморские, Полска, 15 мај 2024 година.

Велика Британија ќе ги зголеми воените сили со зголемување на максималната возраст на поранешни припадници на воените сили кои можат да бидат повикани во воена служба - од сегашните 55 години, на 65 години, јави агенцијата Ројтерс.

Тоа значи дека резервистите треба да останат на повик уште една деценија повеќе отколку досега.

Европските земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, презедоа чекори за зголемување на своите воени сили како одговор на руската инвазија на Украина и инсистирањето на Соединетите Американски Држави(САД) за Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Видете и ова: Украина размислува за закон за намалување на старосната граница за мобилизација

Велика Британија, исто така, ќе го намали прагот за кој поранешните воени припадници можат да бидат повикани на служба, па во иднина, тоа ќе вклучува и повикување за „воени подготовки“.

Во моментов тие можат да бидат повикани само за „национална опасност, голема вонредна состојба или напад врз Велика Британија“.

„Овие реформи ќе ни овозможат брзо да го мобилизираме тој талент кога е најпотребен, зајакнувајќи ја нашата подготвеност и усогласувајќи се со сличен пристап што го преземаат многу сили на НАТО“, рече генералот Пол Грифитс.

Се очекува промените да стапат на сила од пролетта 2027 година.