Зимскиот распуст нема да се продолжи затоа што има средна активност на грипот и тоа засега не дава можност за некакви претерани мерки кои би зафаќале граѓаните, изјави д-р Драган Кочински, раководител на одделот за Епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Доколку има каква било промена ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата и тоа е очекувано за овој период од годината, не се целосно исполнети капацитети на болниците“, рече д-р Кочински.
Од 5 до 11 јануари регистрирани се 2.322 заболени од грип, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела.
Во споредба со истата недела од минатата сезона, се регистрира зголемување на бројот на заболени за 2,2 пати, а ако се спореди со просекот од последните 15 сезони, има зголемување од 39,1 отсто.
Видете и ова: ИЈЗ: Расте бројот на заболени од грип, пикот се уште не е достигнатНајголем број заболени, 1.378, се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години.
Најголем број заболени (556) има во Скопје. Следуваат Тетово (308), Куманово (266) и Охрид (202).
Досега има еден смртен случај асоциран со грип, жена на 75 години од Скопје, која била хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и кај која биле регистрирани коморбидитети.
За превенција од грип, лекарите препорачуваат да се избегнуваат простории со голем број луѓе, особено ако меѓу нив има такви кои имаат симптоми на респираторно заболување, кашлање, кивање, температура, да се проветрува, да се пијат витамини, минерали, природно цедени сокови, се што може да го подобри имунитетот.