Европската комисија (ЕК) во средата усвои пакет законодавни предлози со кои се обезбедува континуирана финансиска поддршка за Украина во тековната и во наредната година.
Како што соопшти оваа институција, овој чекор претставува важен пресврт во силната и долгорочна поддршка на Европската унија (ЕУ) за Украина во нејзината одбрана од руската агресија. Предлогот опфаќа воспоставување нов заем за Украина во износ од 90 милијарди евра.
Станува збор за резултат на договорот што лидерите на земјите членки на Европската унија го постигнаа на самитот во декември 2025 година, со цел да ѝ се обезбедат овие средства на Украина и да се избегне финансиски недостиг, проценет на 70 милијарди евра, со кој Киев би се соочил уште во април.
Видете и ова: ЕУ најави нови санкции против ИранПретседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен потсети дека наскоро ќе се одбележи четвртата годишнина од руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека Русија не покажува знаци на попуштање.
„Нема знаци на каење. Нема знаци на барање мир. Напротив. За време на божиќните празници Русија ги интензивираше нападите, убивајќи цивили и погодувајќи енергетска инфраструктура. Ова мора да престане. Сите сакаме мир за Украина, но за да се дојде до него, Украина мора да биде во силна позиција. Затоа минатата есен се договоривме да ги покриеме воените и буџетските финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година“, порача претседателката на ЕК.
Како што се наведува во соопштението на Европската комисија, оваа финансиска обврска ќе се реализира преку ограничен кредит од 90 милијарди евра за периодот 2026–2027, познат како Заем за поддршка на Украина.
Предложената поддршка е структурирана во две компоненти: околу две третини од средствата, односно 60 милијарди евра, се наменети за воена помош, додека преостанатата третина, во износ од 30 милијарди евра, би била обезбедена како општа буџетска поддршка.
Овој предлог треба да биде потврден и одобрен од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ.
„Денес ја покажуваме нашата континуирана и непоколеблива поддршка за Украина. Сега сметаме на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ брзо да се усогласат околу овие предлози, за да обезбедиме Украина да ја добие првата исплата уште во април“, наведе фон дер Лајен.
Видете и ова: Дали војната на Русија против Украина ќе заврши во 2026 година?Како што понатаму се наведува во соопштението на ЕК, оваа помош ќе ѝ овозможи на Украина да ги зајакне своите одбранбени капацитети, да обезбеди непречено функционирање на државата и на основните јавни услуги, како и да ја зголеми отпорноста на земјата и да ја унапреди нејзината интеграција со европската одбранбена индустриска база.
Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, пакетот за поддршка што го претстави Европската комисија покрива околу две третини од вкупните финансиски потреби на Украина во наредните две години.
„Поради тоа, и понатаму е неопходна континуирана и координирана поддршка од меѓународните партнери“, се наведува во соопштението на ЕК.