Дурмиши: Нема причина за мерки за цените на храната

Фотоархива: Бесар Дурмиши, министер за економија

Министерството за економија и труд засега не гледа причина да реагира во однос на цените на храната затоа што во декември цените биле намалени за 0,4 проценти. Доколку има енормно зголемување на цените, вели министерот за економија Бесар Дурмиши, ќе реагираат и ќе се преземат мерки.

Тој денеска (14 јануари) изјави дека во моментот не гледа причина за некакво ограничување на профитната бруто-маржа или ограничување на цените.

„ Секојдневно ја следиме ситуацијата, во комуникација сме со претставниците од Државниот пазарен инспекторат и ако има потреба, ќе реагираме, но во декеври цените во делот на храната и пијалаците се намалени за 0,4 проценти. Убеден сум дека овој тренд ќе продолжи и оваа година“, изјави Дурмиши.

Видете и ова: Нема зголемување на минималната плата пред март, ССМ најави протести

Тој рече дека лани се направени повеќе од 20 илјади контроли. При тоа, изречени се 2,5 милиона евра глоба за оние трговци што се однесувале девијатно и ги зголемиле цените без економска оправданост.

Дурмиши најави и дека Државниот пазарен инспекторат ќе биде зајакнат со 40 нови инспектори, кои треба да го поминат периодот на обука и кон средината на годината активно да се вклучат на терен.

Министерот смета дека на терен се потребни инспектори што ќе ја вршат контролата над сите трговски друштва со цел да се утврди кој не ги почитува законите.

Како што изјави денеска, во Трудовиот инспекторат во моментот има 80-ина инспектори, а во Пазарниот инспекторат - 120.

„Уште во времето кога овие два инспектората, со измените на законот, го изгубија правото на правен субјект и влегоа во склоп на Министерството за економија, ја известив Владата со барање да имаме повеќе инспектори, особено во Пазарниот инспекторат, бидејќи тие го опфаќаат целиот внатрешен пазар“, додаде Дурмиши.