ЕУ најави нови санкции против Иран

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Европската комисија (ЕК) наскоро ќе предложи санкции против иранските власти одговорни за репресијата врз демонстрантите, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„Растечкиот број на жртви во Иран е застрашувачки. Недвосмислено ја осудувам прекумерната употреба на сила и континуираното ограничување на слободите. Европската унија веќе целосно го вклучи Корпусот на исламската револуционерна гарда во својот режим на санкции за кршење на човековите права“, рече претседателката на ЕК, нагласувајќи дека европските институции стојат покрај народот на Иран кој „храбро маршира за својата слобода“.

Подготовката на нови санкции против иранските власти ја потврди и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

„Храброста на иранскиот народ е восхитувачка. Режимот има долга историја на брутално потиснување на протестите и никој не знае што ќе донесат наредните денови. Суровиот и брутален одговор на безбедносните сили е неприфатлив и го разоткрива режимот кој се плаши од сопствениот народ“, изјави Калас во Берлин, по разговорите со германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.

Санкциите против Иран веќе се во сила во Европската Унија и се воведени врз лица одговорни за кршење на човековите права, ширење на нуклеарно оружје и поддршка од Техеран за војната на Русија во Украина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Десетици тела пред мртовечница во Техеран. Луѓето надвор од Иран немаат контакт со блиските

Како што објасни Калас, ЕУ сега работи на дополнителни санкции во светлината на репресијата врз граѓаните кои демонстрираат речиси три недели.

Како одговор на репресијата врз граѓаните, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на 12 јануари одлучи да им забрани на иранските дипломати влез во просториите на ЕП во Брисел, Луксембург и Стразбур.

Таа ја оправда одлуката со бруталното задушување на демонстрантите од страна на режимот во Техеран. Во писмото испратено до членовите на Европскиот парламент, се наведува дека одлучила да им забрани на сите дипломати, персонал на дипломатски мисии, владини претставници и претставници на Исламската Република Иран влез во сите простории на Европскиот парламент.

Сегашните протести, кои започнаа кон крајот на декември, претставуваат еден од најголемите предизвици за клерикалното владеење од Исламската револуција во 1979 година. Востанието првично беше предизвикано од зголемената инфлација и девалвацијата на националната валута, но брзо се прошири во пошироки антивладини протести.

Групите за човекови права велат дека властите брутално ги задушија демонстрациите, при што загинаа повеќе од 600 луѓе. Ројтерс, повикувајќи се на неименуван функционер, објави дека бројот на жртви е околу 2.000.

Поради влошената безбедносна состојба во Исламската Република Иран, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани, кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат земјата при првите можни и безбедни услови. Истовремено, апелира и да се одложат сите патувања во Иран, кои не се неопходни.