Оштетена вратата на Бугарската амбасада во Скопје, остра реакција од бугарското МНР

МВР: Пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Бугарија/11.01.2026

Непознато лице со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи.

Министерството во писмено соопштение, информираше дека оштетувањето на стаклото е пријавено денеска (11 јануари) во 15:55 часот во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при МВР.

-Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата, велат од МВР.

На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, додаваат од МВР.

Видете и ова: Идното финансирање од ЕУ ќе биде условено со „конкретни резултати“

За случајот реагираше бугарското МНР оценувајќи дека се работи за „чин против зградата на бугарското дипломатско претставништво во Скопје – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија“.

-Ова претставува недозволив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи, се вели во реакцијата со остра осуда на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

„Бараме надлежните власти во Република Северна Македонија веднаш да ги преземат сите неопходни дејствија за идентификување на сторителот и негово изведување пред лицето на правдата, како и за гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и имотот“, велат од бугарското МНР од каде додаваат дека ќе го следат „развојот на настанот“.