Зеленски го осуди „циничниот терор“ откако руските напади го исклучија греењето за стотици илјади луѓе

Жени полнат уреди во таканаречениот центар „Точка на нескршливост“, засолниште кое нуди основни услуги и греење за време на прекините на електричната енергија предизвикани од руските напади, 10 јануари 2026 година.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека најновите напади на Русија врз неговата земја претставуваат „свесен, циничен руски терор“, додека земјата и понатаму се соочува со смртоносни напади и голема штета врз енергетскиот систем во услови на ледени зимски температури.

Зеленски рече дека во текот на изминатата недела Русија употребила речиси 1.100 дронови, повеќе од 890 наведувани воздушни бомби и над 50 ракети од различни типови против Украина.

„Во многу региони состојбата е тешка по руските удари врз нашата критична инфраструктура“, изјави Зеленски и им се заблагодари на работниците од итните служби за обновувањето на основните услуги.

Тој исто така изјави дека Русија употребила балистички ракети со среден дострел „против цели кои немаат никаква воена намена: енергетски објекти, станбени згради…“

„Тоа е свесен, циничен руски терор против народот“, додаде претседателот на Украина.

Видете и ова: Зеленски вели дека планот за безбедносни гаранции е „суштински подготвен“ додека руските напади ја оставаат Украина без струја

Четири лица загинаа во саботата во руското гранатирање на Доњецката област, соопшти началникот на регионалната воена управа Вадим Филашкин.

„Русите убија четворица жители на Доњецката област: двајца во Јарова и двајца во Костјантиновка“, наведе Филашкин во неделата на социјалните мрежи. „Уште 10 лица во регионот се повредени во текот на изминатиот ден.“

Украинскиот државен железнички оператор соопшти дека железничката инфраструктура е оштетена во руските напади и дека двајца работници се повредени.

Тој додаде дека поради прекин на електричната енергија во текот на ноќта, железничкиот сообраќај во Днепарската и Запорошката област привремено бил префрлен на дизел-локомотиви и генератори.

Украинската железничка мрежа има клучна улога во евакуацијата на цивили од регионите разурнати од војната откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

Руските сили во ноќта меѓу сабота и недела извршија уште еден голем напад со дронови врз Украина, покажуваат податоците на украинските воздухопловни сили, кои наведоа дека биле лансирани 154 ударни дронови од повеќе правци.

Воздухопловството додаде дека украинската противвоздушна одбрана соборила или неутрализирала 125 дронови во северните, јужните и источните региони.

Сепак, последиците од 22 дронови се регистрирани на 18 локации, а остатоци од соборени дронови паднале на уште две локации.

Најтешките последици почувствувани во Киев

Најтешките последици од неодамнешните напади се почувствувани во Киев и неговата околина.

Во ноќта кон петокот, руските сили извршија масовен комбиниран напад со употреба на 36 ракети и 242 дронови. Украинската противвоздушна одбрана неутрализираше 244 од нив, но удари од 18 ракети и 16 дронови се регистрирани на 19 локации.

Четири лица загинаа во Киев, а 25 биле повредени, меѓу кои и медицински работници и спасувачи. Во Киевската област властите пријавија голема материјална штета и пет повредени лица.

Видете и ова: Киев остана без струја и вода по новите руски напади во текот на ноќта

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко во неделата изјави дека повеќе од 1.000 згради во украинската престолнина останале без греење. Температурите во Киев во последните денови се под минус 10 степени Целзиусови.

Кличко рече дека „работите на обновување се во тек, но состојбата останува тешка“. Со оглед на тоа што се очекува температурите под нулата да продолжат и во наредните денови, тој исто така ги повика жителите, доколку имаат можност, привремено да го напуштат градот.

Според податоците на украинското Министерство за енергетика, повеќе од 500.000 потрошувачи во Киев и Киевската област се без електрична енергија.

Русија негира дека намерно ги гаѓа цивилите во Украина, и покрај бројните докази кои укажуваат на спротивното од почетокот на инвазијата во 2022 година.