Во делови од украинската престолнина Киев која брои околу три милиони жители, прекинато е снабдувањето со струја, вода и греење, по уште една ноќ на руски дронски напади.
Прекинот следи по барањето на државниот оператор на системот за пренос на електрична енергија, „Укренерго“, за намалување на потрошувачката, а се надоврзува на редовните часовни прекини на струја воведени за време на војната за да се зачуваат преостанатите резерви на електрична енергија.
Компанијата, на социјалните мрежи, соопшти дека работи на враќање на услугите.
Веста доаѓа во време кога температурите ќе паднат и до минус 15 степени Целзиусови за време на викендот, при што градските власти соопштија дека поставиле околу 1.200 центри за загревање.
Најновите прекини следуваат по денови на силни руски напади врз Украина.
Видете и ова: Илјадници се смрзнуваат во Киев по рускиот напад со дронови во пресрет на разговорите Зеленски - ТрампНа 9 јануари, масовен напад со ракети и дронови врз Киев усмрти четири лица и остави 26 повредени. Оштетени беа и 20 станбени згради, вклучително и една каде што се наоѓа Амбасадата на Катар.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко подоцна потврди дека оваа офанзива оставила половина од сите станбени згради во Киев без греење и повика сите граѓани на градот да го напуштат местото ако можат, поради сите прекини на снабдувањето.
Коментирајќи ги неодамнешните руски напади на 9 јануари, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „Москва се обидува да ја искористи студената временска состојба како инструмент на терор“.
Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане на 12 јануари за да дискутира за Украина. Овој потег следи откако украинскиот амбасадор во ОН, Андриј Мелник, во писмо до Советот за безбедност изјави дека „Руската Федерација достигна застрашувачко ново ниво на воени злосторства и злосторства против човештвото преку својот терор врз цивилите“.
Русија негира дека намерно ги таргетира цивилите во Украина, иако постојат обемни докази наспроти тоа од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година.