Русија го погоди западниот дел на Украина со „Орешник“, новата балистичка ракета со повеќе боеви глави која е способна да носи и нуклеарно оружје.
Таа беше лансирана како дел од поширок руски напад со ракети и дронови на повеќе украински градови – напад во којшто загинаа најмалку четири лица, а десетици се повредени.
Руското Министерство за одбрана на 9 јануари соопшти дека употребата на ракетата „Орешник“ е одговор на наводниот украински напад со беспилотни летала од крајот на декември, за кој Москва тврди дека бил насочен кон резиденција што ја користел претседателот Владимир Путин. Киев го негираше ова обвинување, а ЦИА исто така ги нарече тврдењата лажни.
Видете и ова: Зеленски вели дека планот за безбедносни гаранции е „суштински подготвен“ додека руските напади ја оставаат Украина без струјаЗа лансирањето на ракетата од рускиот полигон Капустин Јар, украинските воздухопловни сили предупредија непосредно пред полноќ. Подоцна следуваше соопштение во кое беше наведено дека Русија истрелала балистичка ракета со голема брзина.
Амбасадата на САД во Киев издаде безбедносно предупредување вечерта на 8 јануари, сугерирајќи дека Москва можеби однапред ги известила американските претставници за да избегне вознемирување во Вашингтон. И украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди за можен масовен воздушен напад.
Ова е втор пат Москва да ја користи новата балистичка ракета во војната против Украина. Првпат ја лансираше во ноември 2024 година. Путин се фалеше со можностите на ова оружје минатата година кога рече го распоредува во Белорусија, близок сојузник на Москва.
Видете и ова: Сателитски снимки откриваат тајна изградба на „стратешка“ воена база во БелорусијаНападот на повеќе украински градови, го опфати и главниот град Киев, како и Лавов чиј градоначалник Андриј Садови, изјави дека во нападот е погодена инфраструктура, а службите за итни случаи работат на терен.
Меѓу погодените беше и градот Криви Рог, во централна Украина, каде се повредени 14 лица. За стотици илјади луѓе, пак, беше прекинато снабдувањето со електрична енергија и вода.
Десетина станбени згради и инфраструктурни објекти се оштетени, а електричната енергија беше прекината и во рудник додека работниците биле внатре.
Службите за итни случаи соопштија дека седум рудари, кои беа заробени под земја, се евакуирани.
Русите „се обидуваат да ги искористат суровите зимски услови, кои значително се влошија во многу од нашите региони и предизвикуваат сериозни проблеми на патиштата и комуналните услуги“, предупреди Зеленски во своето вечерно обраќање.
Украина, пак, од своја страна ги засили воздушните напади врз руски цели, лансирајќи натпросечен број беспилотни летала во првата недела од 2026 година.
Гувернерот на рускиот пограничен регион Белгород, Вјачеслав Гладков, рече дека повеќе од половина милион луѓе останале без струја или греење откако била погодена комуналната инфраструктура. Речиси 200.000 луѓе останале и без водоснабдување.