САД заплени руски танкер по долга потера

Припадник на крајбрежната стража на САД го гледа танкерот M/V Bella 1, кој беше запленет на 7 јануари 2025 година поради прекршување на санкциите на САД.

Американските поморски сили запленија руски танкер кој пловел низ Северниот Атлантик, што претставува најнов потег на Вашингтон против бродови поврзани со нелегална трговија со венецуелска нафта.

Командата на американските сили во Европа соопшти на 7 јануари на социјалните мрежи дека танкерот Маринера (Marinera), претходно именуван како Бела 1 ( Bella 1), бил запленет во Северниот Атлантик, меѓу Исланд и Обединетото Кралство.

„Бродот беше запленет во Северниот Атлантик врз основа на налог издаден од американски федерален суд“, се наведува во соопштението.

Претходно, руските медиуми прикажаа американски хеликоптер како лебди над танкерот, додека повеќе медиуми, повикувајќи се на извори, известуваа дека се спроведува операција што го вклучува овој брод.

Овој потег следи само неколку дена по изведувањето на напад на Венецуела од американските сили и приведувањето на нејзиниот лидер, Николас Мадуро.

Видете и ова: Како ќе влијаат превирањата во нафтено богатата Венецуела врз трговијата со далечни партнери?

Американските сили веќе запленија два брода во рамки на кампањата против Венецуела во последните недели: Скипер (Skipper) на 10 декември и Сентурис (Centuries) на 20 декември.

Американскиот претседател Доналд Трамп тогаш изјави дека наредува „блокада“ на танкерите под санкции кои влегуваат и излегуваат од Венецуела.

Танкерот „Бела 1“ отплови од Иран кон Венецуела, наводно за да наполни нафта од земјата која е под американски санкции. Во декември, Американската крајбрежна стража се обиде да се качи на бродот додека се приближуваше кон венецуелските води.

Обидот беше спречен, а бродот брзо отплови кон Атлантикот и беше преименуван во „Маринера“. Беше додаден во официјалниот руски бродски регистар, а членовите на екипажот на него поставија руско знаме.

Москва од тогаш поднесе официјален дипломатски протест, барајќи од Вашингтон да ја прекине потрагата по бродот, кој е под американски санкции од јули 2024 година.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот делувал „целосно во согласност со нормите на меѓународното поморско право“.

Белата куќа и Министерството за надворешни работи на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар од Радио Слободна Европа.

Американските официјални лица исто така, обвинија, дека бродот бил вклучен во нелегален транспорт за компанија во сопственост на Хезболах, група со седиште во Либан која САД ја сметаат за терористичка организација.