Цената на нафтата почна да паѓа по најавата дека Венецуела ќе испраќа нафта во САД

Нафтени платформи во Венецуела

Цената на нафтата почна да паѓа на 7 јануари, поради страв од зголемување на понудата откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Венецуела ќе испрати до 50 милиони барели во САД.

Во објава на неговата платформа Truth Social на 6 јануари, Трамп рече дека привремената влада на Венецуела ќе им предаде помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта на САД, во потег што го формулира како во корист на двете нации. Количината е еквивалентна на еден до два месеци производство на венецуелска нафта.

Нафтата ќе се продава по пазарни цени, а приходите ќе ги контролира тој како претседател за да се осигури дека се „во корист на народот на Венецуела и САД“, објави Трамп.

Видете и ова: Како ќе влијаат превирањата во нафтено богатата Венецуела врз трговијата со далечни партнери?

Според последните податоци од нафтената берза, цените во просек за 24 часа се намалени за 2 до 3 проценти, јавува германската новинска агенција ДПА.

Првично не беше јасно во кој период количината на сурова нафта што ја наведе Трамп ќе биде достапна за Венецуела.

Нафтата е најважниот извор на приходи и странска валута за Венецуела. Новото раководство во Каракас не коментираше веднаш за најавата на Трамп.

Инфографика - Во кои држави се најголемите резерви на нафта во светот

Екстра-тешката сурова нафта на Венецуела е многу барана бидејќи е идеална за специјализирани рафинерии како оние на американскиот Заливски брег, кои располагаат со единици што овозможуваат преработка на оваа густа нафта во високопрофитни производи како бензин и дизел.

Со оглед на тоа што ситуацијата сè уште е неизвесна, ова претставува едно од неколкуте потенцијални влијанија врз глобалната економија, како и врз клучните партнери на Венецуела: Русија, Иран, Кина и Куба.