Почина двегодишното дете кое беше рането од огнено оружје на новогодишната ноќ

Обвинителство - архива

Двегодишно дете, тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ, утрово им подлегна на повредите на Клиниката за детска хирургија во Скопје.

Јавното обвинителство денеска издаде наредба за обдукција на телото на двегодишното дете.

И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, истакнуваат попладнево од Министерството за здравство во врска со случајот со двегодишното дете повредено во новогодишната ноќ.

„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на сoстојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг“, се наведува во денешното соопштение.

Видете и ова: Годината почна со женско новороденче и со над 50 граѓани кои побарале лекарска помош

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента - убиство на турски државјанин со нож во Скопската чаршија, и случајот на тешко повреденото двегодишно дете, кое било во животозагрозувачка состојба примено во Клиничкиот центар-Скопје.

„Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста“, рече Тошковски.

Повеќе од 50 граѓани побарале помош во скопските клиники вечерта на Нова година. Дежурните екипи оценија дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со пиење алкохол.