Во акција на мобилен царински тим, Царинската управа заплени 40.872 парчиња пиротехнички средства – петарди и огномети, кои претставуваат ризик по здравјето и безбедноста на граѓаните.
Како што информираат од Царинската управа, сторителот е македонски државјанин од Гостивар, против кого е поднесена кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, казниво по Кривичниот законик.
Видете и ова: Се забранува користење на пиротехника во затворен просторСлучајот бил откриен на граничниот премин Блаце, при контрола на возило со швајцарски регистарски таблички. При прегледот, царинските инспектори од мобилниот тим забележале дека задните седишта биле спуштени, а целиот простор зад нив и багажникот биле исполнети со пиротехнички средства.
Во текот на истрагата било утврдено дека пиротехниката била набавена во Приштина и дека осомничениот се обидел нелегално да ја внесе во земјава.
Од Царинската управа предупредуваат дека употребата на нелегални пиротехнички средства претставува сериозна закана по безбедноста и здравјето на граѓаните, особено на децата, и најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со засилени контроли и координирани активности за спречување на нелегалната трговија и заштита на јавната безбедност.