Земјоделците низ цела Грција од денеска до петок нема да ги блокираат автопатиштата и граничните премини, со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот и полесно патување на граѓаните за новогодишните празници.
Одлуката е донесена привремено, а во недела ќе биде одржан состанок на кој ќе се одлучува за следните чекори, јави МИА.
Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија, кој во изминатите четири дена беше блокиран во одредени термини, до петок ќе остане отворен. Иако тракторите и понатаму ќе бидат паркирани во близина на границата, тие нема да го попречуваат сообраќајот.
Видете и ова: Грчките земјоделци пак го блокираа преминот „Евзони“ со Северна МакедонијаСпоред извештаите, тракторите на земјоделците се распоредени во една коловозна лента без целосно блокирање на патиштата, а како што најавија на почетокот на протестите, ако е потребно подготвени се празниците Божиќ и Нова година да ги дочекаат на блокадите доколку не бидат исполнети нивните барања.
Во недела напладне, кај патарината Малгара во близина на Солун, ќе се одржи состанок со претставници од сите блокади во земјата, на кој ќе се утврдат идните активности.
Протестите на грчките земјоделци траат речиси еден месец и започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство, ниските откупни цени, како и скандалот поврзан со европските земјоделски субвенции. Нивното главно барање е исплата на заостанатите субвенции.