Прослави во Скопје и низ светот за дочек на Новата 2026 година

Пречек на новата 2026 година.

Новата 2026 година први ќе ја дочекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати, во 11 часот по македонско време, додека последни во новата година ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд – на 1 јануари во 13 часот по македонско време.

Тоа значи дека Новата година „патува“ вкупно 26 часа од првото до последното место на Земјата.

Во Македонија, Новата година ќе се слави со организирани забави во Скопје и во другите градови низ земјата.

Во главниот град, вечерва ќе настапат македонски изведувачи, во рамки на празничната програма „Новогодишна зимска бајка“, која ќе трае цел ден и ќе кулминира на плоштадот „Македонија“.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги покани граѓаните на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година – ноќ која повторно ќе го сплоти градот.

Според него, програмата со домашни изведувачи, омилени на публиката, е осмислена така што ги поврзува сите генерации.

Новогодишната програма започнува во 19:45 часот со настап на Миле Кузмановски, по што следуваат Огнен Здравковски, Дина Јашари, Куку Леле и Тамара Тодевска.

Кулминацијата ја носат Пајак, Лара и Два Бона, а пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.