Северна Македонија ќе се задолжи со 20,9 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да купи електрични товарни локомотиви со резервни делови.
Договорот беше потпишан на 30 декември во Владата од каде оценуваат дека ова е чекор кон модернизација на македонските железници и кон унапредување на сигурноста и ефикасноста на товарниот железнички сообраќај.
„Зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, а е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на Македонија, а тоа е железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Договорот со ЕБОР, го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која оцени дека набавката на локомотивите ќе значи посигурен и пообемен товарен железнички превоз, како и „подобра поврзаност и поголема конкурентност на домашната економија“.
Видете и ова: Ивановски: Железницата вози со 10 км/ч на пруги поставени во 60-титеДоговорот за заем следува откако на 26 декември пратениците во Собранието изгласаа закон за задолжување со цел обнова на товарниот возен парк на железници.
Претходно, во јули 2025 власта достави барање до ЕБОР за изразување интерес за финансирање на проектот. Европската банка, која одговори позитивно, во компаративна анализа со независен консултант, препорача да се спроведе набавка на најмногу пет електрични локомотиви.
Дополнително проектот вклучува и набавка на систем за планирање на ресурси на претпријатието (ERP).
Рокот на отплата на заемот од 20,9 милиони евра е 15 години со грејс периодот од четири години. Кредитот ќе се отплаќа на 22 полугодишни рати – на 20 јануари и 20 јули секоја година.
„Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%“, пишува во законот за задолжување што беше изгласан од пратениците.
Дополнително, предвидено е Северна Македонија да плаќа провизија на ЕБОР доколку не ги повлекува парите од заемот, во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво.