Собранието денеска во рамки на 79. пленарна седница со 73 гласа „за“и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет.
Главната цел на законските измени е да ги отстранат досега утврдените слабости во постојната правна рамка и да обезбедат пофункционален, транспарентен и отчетен Судски совет.
Клучни новини кои се предвидени со Законот се: јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.
Воедно, предвидено е и зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите, јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на Судскиот совет.
Видете и ова: Интерпелации во судството: тенка граница помеѓу контрола и влијаниеЗначајна новина е и воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите, утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет и бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на Европската Унија.
Овој закон, заедно со другите правосудни закони е дел од целите на ЕУ за зајакнување на владеењето на правото. ЕУ во своите извештаи често укажува на: политички влијанија, слаба одговорност и недоволна транспарентност на оваа институција.
Унијата нагласува дека непристрасен, независен и транспарентен Судски совет е клучен за довербата во правосудството и за напредок во пристапните преговори на земјата во ЕУ.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие два члена треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Останатите двајца членови се дел од Советот само по функција – може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, а тоа се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.