Американскиот претседател Доналд Трамп в понеделник, 29 декември треба да го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Флорида за да разговараат за следната фаза од мировниот план на Трамп за Газа.
Кревок прекин на огнот е во сила во Појасот Газа од 10 октомври, откако Израел и Хамас се согласија на план од 20 точки, поддржан од Вашингтон, за да се стави крај на повеќе од двегодишните борби.
Сега се очекува спроведувањето на втората фаза од планот, според која Хамас треба да го положи оружјето и да се распоредат меѓународни сили за стабилизација, да биде многу посложено.
Хамас, кое САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација, досега ги отфрли сите повици за разоружување.
Видете и ова: Израел вели дека Хамас ќе биде разоружан откако групата предложи „замрзнување“ на оружјетоСе очекува Трамп и Нетанјаху, кои треба да се сретнат во Мар-а-Лаго по шести пат оваа година, да разговараат и за Иран, за кој Израел вели дека ги надополнува своите ракетни залихи по размената на напади со земјата претходно оваа година. Двајцата лидери ќе разговараат и за Либан и Сирија, при што САД се клучен посредник во израелските напори за склучување безбедносни договори со своите северни соседи.
Нетанјаху ќе биде придружуван од родителите на последниот израелски заложник чии останки сè уште се чуваат во Газа. Како дел од договорот за прекин на огнот, Хамас се согласи да ги ослободи сите заложници киднапирани за време на нападите од 7 октомври 2023 година во замена за палестински затвореници.
Според договорот, втората фаза од мировниот договор ќе стапи на сила само откако сите заложници, живи и починати, ќе бидат вратени во Израел.