Украинските истражители испитуваат шема за купување пратенички гласови

Врховната рада, украински парламент (фотоархива).

Водечките украински антикорупциски агенции соопштија дека истражуваат наводно купување гласови од страна на членови на парламентот и обвинија дека безбедносните служби ги попречуваат напорите за спроведување претреси.

Истрагата, објавена на 27 декември, е најновата во серијата истраги од двете агенции – Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата на Украина – кои ја потресоа политичката сцена во Украина.

Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата – познато како САПО – соопшти дека неговите истражители наводно идентификувале „организирана криминална група“ во која биле вклучени актуелни пратеници во Врховната рада, како што се нарекува украинскиот парламент.

Видете и ова: Шефот на кабинет на Зеленски поднесе оставка по претресот во неговата канцеларија

Членовите на групата, соопшти САПО, добиле нелегални придобивки во замена за нивните гласови во парламентот.

Не беа објавени дополнителни детали.

Поврзано со тоа, Националното биро за борба против корупцијата, познато како НАБУ, соопшти дека на неговите истражители им е блокиран пристапот до административните згради што ги користат членовите на парламентот.

Од Агенцијата за државна заштита, која е задолжена за обезбедување на пратениците, ги негираа обвинувањата во изјава за РСЕ посочувајќи дека чуварите само ги проверуваат идентитетите на истражителите.

„Факт е дека вработените во НАБУ се обидуваат да внесат непознати или неразбирливи луѓе на територијата на владиниот ентитет“, изјави портпаролот на Агенцијата, Олексиј Морозов.

На истражителите подоцна им беше дозволено да влезат во силно обезбедуваниот комплекс, соопшти безбедносната агенција во објава на Фејсбук.

Основани во 2015 година како дел од сеопфатните реформи насочени кон искоренување на вкоренетата корупција, двете агенции изградија репутација за спроведување политички обоени истраги, како и репутација за борбата за зачувување на нивната независност од другите субјекти задолжени спроведување на законот.

Истрага за мито во енергетскиот сектор – вклучително и финансирање на системи за воздушна одбрана за инфраструктура на електричната мрежа, беше обелоденета во јавноста минатиот месец кога антикорупциските службеници извршија рации во канцеларии во Киев.

Видете и ова: Зеленски ветува сеопфатна реформа на енергетскиот сектор по скандалот со корупција

Таа истрага, која е во тек, на крајот доведе до тоа претседателот Володимир Зеленски да го отпушти Андриј Јермак, неговиот долгогодишен шеф на кабинет и клучен посредник во мировните преговори со САД.

Разрешувањето на Јермак дојде во тежок момент за Зеленски. Обвинувањата го нарушија неговиот углед дома и го зголемија притисокот за одржување нови избори, нешто на што украинскиот претседател се спротивстави поради воената состојба и тоталната војна на Русија против Украина.