Палестинец уби маж и жена во северен Израел

Израелските безбедносни сили на местото на нападот во северен Израел, Афула, 26 декември 2025 година.

Палестинец од Западниот Брег кој е окупиран од Израел, денеска убил маж и жена во напад со нож и удирање со автомобил во северен Израел, пред да биде ранет и застрелан, соопштија полицијата и спасувачките екипи.

„Прелиминарните истраги укажуваат дека станува збор за терористички напад што започнал во градот Беит Шеан, каде што бил прегазен пешак“, соопшти полицијата, додавајќи дека жртвата е 68-годишен маж.

„Подоцна, млада жена била избодена во близина на Патот 71, а осомничениот на крајот отворил оган во близина на раскрсницата Маонот во Афула откако интервенирал цивилен минувач“, се вели во соопштението, во кое се додава дека напаѓачот бил однесен во болница.

Видете и ова: Израел одобри изградба на нови населби на Западниот Брег

Двете жртви им подлегнале на повредите, соопшти израелската служба за итни случаи Маген Давид Адом (MDA).

MDA, исто така, објави дека 16-годишен тинејџер бил полесно повреден откако бил „удрен од возило“.

Израелската војска соопшти дека напаѓачот „се инфилтрирал на израелска територија пред неколку дена“.

Нападот се случи еден ден откако израелски воен резервист, облечен во цивилна облека, со своето возило удри во Палестинец на Западниот Брег.