Најмалку шестмина загинати во експлозија во џамија на малцинска верска група во Сирија

Внатрешноста на џамија во Хомс по експлозија, Сирија, 26 декември 2025 година.

Смртоносна експлозија денеска ја погоди џамијата во претежно алавитската област Хомс во Сирија, соопштија властите, при што се пријавени најмалку шест смртни случаи.

„Терористичка експлозија ја таргетираше џамијата Али Бин Аби Талиб за време на петочната молитва на улицата Ал-Хадри во населбата Вади ал-Дахаб во Хомс“, соопшти Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека шест лица се убиени, а 21 се ранети.

Хомс е место каде се случуваше сериозно секташко насилство за време на граѓанската војна во Сирија.

Сириската државна новинска агенција САНА, која исто така ја објави експлозијата, соопшти дека нејзината причина и природа се истражуваат.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, не е веднаш јасно дали експлозијата е „предизвикана од самоубиствен напад или од експлозивна направа“.

Видете и ова: Турција уапси 115 припадници на ИД - „планирале напади за Нова година“

Локален безбедносен извор во Хомс за АПФ изјави под услов на анонимност дека експлозијата можеби е предизвикана од „експлозивна направа поставена во џамијата“.

Жител на областа, кој побара да остане анонимен од страв за својата безбедност, изјави за АФП дека луѓето „слушнале гласна експлозија, по што се случи хаос и паника во населбата“.

„Никој не се осмелува да ги напушти своите домови, а ние слушаме сирени на брза помош“, додаде тој.

САНА објави фотографии од внатрешноста на џамијата, од кои едната покажува дупка во ѕидот.

Црн чад покриваше дел од џамијата, а теписи и книги беа расфрлани во близина.

Хомс е дом на сунитско муслиманско мнозинство, но има и неколку области претежно алавитски.

Додека повеќето Сиријци се сунитски, соборениот владетел Башар ал-Асад припаѓа на алавитската заедница, чија религија произлегува од шиитскиот ислам.

Видете и ова: Интензивни воздушни напади на САД врз екстремистичката група Исламска држава во Сирија

Од соборувањето на Асад во 2024 година, Опсерваторијата и обичните Сиријци во Хомс пријавија киднапирања и убиства насочени кон членови на малцинската заедница.

Масакр врз алавитски цивили се случи во крајбрежните области на Сирија во март, а властите ги обвинија вооружените поддржувачи на Асад за поттикнување на насилството со напаѓање на безбедносните сили.

Националната комисија за истрага соопшти дека најмалку 1.426 членови на малцинската заедница биле убиени во нападот, додека Сириската опсерваторија за човекови права го процени бројот на жртви на повеќе од 1.700.