САД нападнаа цели на „Исламска држава“ во Нигерија

Ракета лансирана од воен брод, на неидентификувана локација. Снимка од видео објавено од Министерството за војна на САД, 25 декември 2025 година.

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп изјави дека во четврток, 25 декември, американските сили извршиле „силни и смртоносни“ напади врз милитантната група Исламска држава (ИСИС) во северозападна Нигерија, неколку недели откако предупреди против какви било систематски напади врз христијаните во земјата.

Министерството за надворешни работи на Нигерија ги потврди воздушните напади рано во петокот, опишувајќи ги како „прецизни удари врз терористички цели“ во земјата.

Командата за Африка на Министерството за одбрана на САД соопшти дека „повеќе терористи на ИСИС“ - екстремистичка група што ОН ја опишува како терористичка група - биле убиени во напад во државата Сокото, извршен на барање на нигериските власти.

Објавени се малку детали и не е јасно колку луѓе биле убиени.

Трамп рече дека „претходно ги предупредил овие терористи дека ако не го спречат колењето на христијаните, ќе има пекол, а вечерва тоа се случи“.

„СРЕЌЕН БОЖИЌ на сите, вклучувајќи ги и мртвите терористи, од кои ќе има многу повеќе ако нивното колење на христијаните продолжи“, напиша тој на својата платформа Truth Social.

Американските одбранбени претставници подоцна објавија видео од она што изгледаше како лансирање ракета во текот на ноќта од палубата на воен брод под американско знаме.

Видете и ова: Џихадистите убиле најмалку 40 фармери во западна Нигерија

Нападот е прв од страна на американските сили во Нигерија под водство на Трамп и доаѓа откако тој неочекувано ја критикуваше западноафриканската нација во октомври и ноември, велејќи дека христијаните таму се соочуваат со „егзистенцијална закана“ што е еднаква на „геноцид“ во услови на бројни вооружени конфликти во Нигерија.

Дипломатската офанзива беше добредојдена од некои, но други ја протолкуваа како разгорување на религиозните тензии во најнаселената земја во Африка, која во минатото беше сведок на изливи на религиозно мотивирано насилство.

Нигериската влада и независните аналитичари го отфрлаат ставањето на насилството во земјата во контекст на религиозно прогонство - наратив што долго време го користи христијанската десница во Соединетите Држави и Европа.

Сепак, истакнувајќи го она што неговата администрација го нарекува глобален прогон на христијаните, Трамп минатиот месец нагласи дека Вашингтон е подготвен да преземе воена акција во Нигерија за да се спротивстави на ваквите убиства.

„Благодарен“ за соработката

Нигериското Министерство за надворешни работи објави дека земјата е ангажирана со меѓународни партнери.

„Нигериските власти остануваат ангажирани во структурирана безбедносна соработка со меѓународни партнери, вклучувајќи ги и САД, за справување со тековната закана од тероризам и насилен екстремизам“, соопшти министерството.

Шефот на Пентагон, Пит Хегсет, изјави дека е „благодарен за поддршката и соработката на нигериската влада“ во објава на мрежата X.

САД оваа година ја вратија Нигерија на својот список на земји од „посебна загриженост“ во врска со верската слобода и ги ограничија визите за Нигеријците.

Минатиот месец, Трамп, исто така, се закани дека ќе ја прекине целата помош за Абуџа ако „продолжи да дозволува убивање на христијани“.

Нигерија е речиси подеднакво поделена на север со муслиманско мнозинство и на југ со христијанско мнозинство.

Повеќе од 15 години, североисточниот дел од земјата има проблеми со насилството што го спроведува исламистичката група „Боко Харам“, во кое загинаа повеќе од 40 илјади луѓе, додека два милиони се раселени.

Во исто време, големи делови од северозападните, северните и централните делови на земјата беа погодени од криминални банди познати како „бандити“ кои напаѓаат села, убивајќи и киднапирајќи жители.

Во среда, експлозија потресе џамија во североисточниот град Мајдугури, при што загинаа најмалку седум верници. Ниту една вооружена група не ја презеде веднаш одговорноста.