Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, на 25 декември изјави дека во тек се преговори меѓу руските акционери во Нафтената индустрија на Србија (НИС) и унгарската компанија МОЛ за продажба на нивниот мнозински удел на таа компанија.
Како што изјави таа, НИС и МОЛ за тоа ја известиле Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.
„Владата на Унгарија ги поддржа тие разговори, а ние како Влада на Србија ќе дадеме поддршка, сè со цел да се најде решение за укинување на санкциите и создавање услови за доделување лиценца на НИС за оперативно работење“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ, соопшти нејзиниот кабинет.
Видете и ова: Што би значела загубата на српската нафтена индустрија за Русија?Како што додаде таа, Руската влада ја известила Владата на Србија дека ги поддржува преговорите за повлекување на рускиот капитал од НИС, а Србија ќе ги поддржи тие разговори пред OFAC.
Според нејзините зборови, не постојат логистички капацитети за увоз на нафтени деривати во количини што се потребни, поради што ќе продолжат разговорите за НИС да започне со работа, без оглед на времето потребно за завршување на трансакцијата меѓу МОЛ и руските акционери.
Американските власти еден ден претходно издадоа лиценца за НИС, со која рокот за преговори за продажба на рускиот удел во таа компанија се продолжува до 24 март 2026 година.
Како што на 24 декември објави Радио-телевизија Србија (РТС), OFAC со таа одлука не го овласти НИС, за време на разговорите да работи на пронаоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.
Нафтената индустрија на Србија (НИС) е во сопственост на Русија — фонд од Санкт Петербург, државната компанија „Газпром“ и нејзината ќерка-фирма „Газпром њефт“ поседуваат 56,15 отсто од акциите, Србија 29,87 отсто, додека нешто помалку од 14 отсто се во сопственост на мали акционери.
Видете и ова: САД го продолжија рокот за продажба на рускиот удел во Српската нафтена индустријаСанкциите на Соединетите Американски Држави кон НИС започнаа на 9 октомври, со цел, како што соопшти Вашингтон, да се спречи Русија приходите од енергетиката да ги користи за војната во Украина.
Условот на американската администрација за укинување на ембаргото врз НИС е компанијата да се ослободи од руската сопственост.
Вашингтон до октомври повеќепати ѝ го одложуваше на НИС стапувањето во сила на ембаргото.
Рускиот претседател, Владимир Путин на 19 декември изјави дека „Газпром њефт“ во НИС инвестирала повеќе од три милијарди долари и дека со Србија е во тек дијалог за решавање на прашањето поврзано со таа компанија.