ДЗР: Исти лица преку повеќе фирми добивале средства за проекти од Фондот за иновации

Фонд за иновации/Фотоархива

Фондот за иновации и технолошки развој нема воспоставено механизам за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, објави денеска (25 декември) Државниот завод за ревизија, соопштувајќи ги резултатите од извршената ревизија за 2024 година.

Ревизорите утврдиле дека Фондот за иновации и технолошки развој не врши ниту длабинска деловна и финансиска анализа на проектите за кои овозможил поддршка.

-На крајот на известувачкиот период искажува неподмирени обврски во износ од 13.863.000 евра, се наведува во извештајот на Заводот за ревизија.

Видете и ова: Нерегуларности на секој чекор во „Државна лотарија“, открија ревизорите

Фондот за иновации и технолошки развој е основан во декември 2013, со цел поттикнување на иновациите, преку обезбедување дополнителни извори за финансирање на иновациите, заради потребата да се изгради конкурентна економија основана на знаење.

Со спроведената ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година, Државниот завод за ревизија утврдил слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.

Неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи

Ревизорите констатирале состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради „нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет, како и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности.

Ревизијата утврди слабости во евидентирањето на обврските на ФИТР, при што дел од обврските не се навремено и целосно прикажани во сметководствената евиденција, стои во извештајот.

Иако, додаваат ревизорите на 31 декември 2024, година обврските кон добавувачи во земјата се прикажани во износ од 853.964 илјади денари, односно 13.863.000 евра, со извршениот увид во приложената документација и од спроведените аналитички постапки се утврдени дополнителни неевидентирани обврски по различни основи и тоа - договори за дело, евалуација на проекти, надоместоци за управни тела, во вкупен износ од 9.369 илјади денари, односно 152.094 евра.

Видете и ова: ДЗР: Да се надминат системските слабости околу уплатата на донации за партиите

-Извршен е попис само на обврските кон корисниците на финансиска поддршка за кои е одобрен квартален/завршен извештај од мониторинг, а не и на вкупно евидентираните обврски кон корисниците. Поради ова, салдото на краткорочни обврски спрема добавувачи утврдено од страна на пописната комисија се разликува од салдото на обврски евидентирани во сметководствената евиденција со состојба на 31.12.2024 година за 488.343 илјади денари.

Овие состојби, заедно со отсуството на пракса за потврдување на салдата/ состојбите на крајот на известувачкиот период со доверителите, не се во согласност со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници – констатирале ревизорите.

Во својот најнов извештај тие нотираат дека овие состојби влијаеле врз реалноста, објективноста и целосноста на финансиските извештаи, како и врз точноста на буџетското планирање за наредниот период, се наведува во документот.

Недостига централизирана база со податоци

Со ревизијата, утврдено е дека Годишната програма за работа на ФИТР за 2024 година, со исклучок на мерките и активностите од Столб 1 – Финансиска поддршка на приватниот сектор, не содржи финансиски показатели за вкупните средства и средствата по одделни мерки, инструменти и активности.

Поради тоа што проектите од Столб 1 во најголем дел се реализираат подолго од една година, со Програмата не е дадена реална слика за потребните финансиски средства во 2024 година, ниту е наведено колкав дел од средствата се наменети за тековната година, а колкав за исплата на пренесени обврски од претходни години.

-ФИТР нема воспоставена централизирана база со податоци (софтвер) за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка - се забележува во извештајот.

Видете и ова: ДЗР: Поразителни состојби во македонските студентски домови

Заводот за ревизија утврдил и дека во спроведувањето на јавните повици, дел од вработените/ангажирани по договор за дело и членови на УО не секогаш потпишуваат изјави за судир на интереси, а директорот на ФИТР воопшто се нема изјаснето по основ на судир на интереси за јавните повици кои беа предмет на ревизија.

Задоцнети исплати кон корисниците

Исто така, ДЗР утврдил дека ненавремено одобрување на квартални/завршни извештаи за спроведени активности, а во периодот од декември 2024 до јуни 2025 не е извршен мониторинг, поради одолговлекување на постапката за јавна набавка на услуги за управување со проекти (мониторинг). Ова пак, резултирало со доцнење на исплатите кон корисниците и застој на реализацијата на проектите од страна на корисниците.

Врз основа на обезбедените податоци од Фондот, Заводот за ревизија утврдил дека со состојба 31.12.2024 ФИТР има неподмирени обврски за одобрени извештаи кон корисниците во вкупен износ од 349.378 илјади денари, додека неисплатениот износ на задржаните средства од вкупниот буџет на проектот со состојба 31.12.2024 изнесува 14.070 илјади денари.

Една од причините за неподмирените обврски кон корисниците е измената на буџетот на ФИТР, со која средствата на сметката субвенции и трансфери е намалена за 310.000 илјади денари, односно за 32 отсто, стои во извештајот.

Ревизијата ја обелодени состојбата со сопственичката/управувачка структура на корисниците на финансиска поддршка. Имено, со анализата на портфолиото на финансираните проекти од ФИТР, утврдено е дека исти физички лица се јавуваат како управители и/или сопственици во повеќе правни лица кои добиле средства од ФИТР, често во ист или сличен временски период, се наведува во документот.

Овие лица, посочува ДЗР, преку различни фирми аплицираат и добиваат средства за различни проекти, што создава можност за паралелна реализација на повеќе финансирања во рамки на повици што не го ограничуваат ваквиот модел.

-Иако не постои законска забрана или експлицитно ограничување за едно лице да учествува како управител/сопственик во повеќе апликации, истакнуваме дека добрите практики налагаат еднаква распределба на можности, намалување на концентрацијата на средства кај поврзани лица, наведуваат ревизорите.

Во извештајот, тие додаваат дека „трошоците прифатени за кофинансирање мора да бидат реални, неопходни и директно поврзани со проектот и базирани на пазарни цени и независни трансакции“.

Со ревизија на актите утврдено е дека единствено кај инструментот за комерцијализација на иновации, постои регулаторна клаузула со која не е дозволено аплицирање доколку апликантот веќе има активен проект.

Видете и ова: Внатрешна ревизија откри злоупотреби од 60 фирми во ФИТР

Во моменталната правна рамка не постои обврска финансирањето да биде тематски или секторски ограничено и не постојат критериуми за приоритетно финансирање.

Со анализа на портфолиото на корисници на ФИТР утврдено е дека најголем број од проектите кои имаат добиено финансиска поддршка се од областа на информатичката технологија (26,91%) и инженерска технологија (16,36%), стои во извештајот.

Кај инструментот „Комерцијализација на иновации“, ДЗР навеудва дека и покрај договорната обврска за уплата на 5 отсто од годишниот приход на корисникот остварен со продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, ФИТР нема механизам за потврда на висината на приходот од проектот, бидејќи тој често не се евидентира одвоено од страна на корисниците, ниту се уплаќа на посебна сметка.

Препораки од Заводот за ревизија

Ревизијата препорачува ФИТР да воспостави механизам за следење на ефектите од доделените средства и наплата на приходите по завршување на проектите, со цел ефикасно користење на јавните средства и зголемување на придобивките од проектите.

За утврдените состојби, ревизијата дава препораки за надминување на недостатоците и надлежните се задолжени да преземе соодветни мерки за нивна целосна имплементација.

Со донесувањето на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво на 29.07.2025 година се формира Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво, како правен наследник на Агенција за претприемништво и Фонд за иновации и технолошки развој, со што престанува да постои Фонд за иновации и технолошки развој, стои во извештајот на ДЗР.