САД го продолжија рокот за продажба на рускиот удел во Српската нафтена индустрија

Деловната зграда на Нафтената индустрија на Србија, Нов Белград, Србија, 24 декември 2025 година.

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) ѝ издаде лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС), со која го продолжи рокот за преговори за продажба на рускиот удел во оваа компанија до 24 март 2026 година.

Како што објави Радио-телевизија на Србија (РТС) на 24 декември, ОФАЦ со таа одлука не го овласти НИС да работи за време на разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.

Коментирајќи ја веста, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на Србија ништо не ѝ значи тоа што на рускиот сопственик му е даден нов рок.

„Дериватите се важни за нас“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека поради американските санкции врз НИС, Србија е принудена да увезува големи количини гориво секој ден и дека проблемот со снабдувањето со енергија мора брзо да се реши.

Поради неможност за увоз на сурова нафта на 2 декември беше затворена Рафинерија Панчево, единствената во земјата, која е најважниот објект во сопственост на Српската нафтена индустрија.

Видете и ова: Вучиќ вели дека постојат три опции за НИС, го наведува 15 јануари како краен рок

НИС е во сопственост на Русија, Фонд од Санкт Петербург, државната компанија „Газпром“ и нејзината ќерка компанија „Газпром Нефт“ имаат 56,15 проценти од акциите, Србија 29,87, додека нешто помалку од 14 проценти ги поседуваат мали акционери.

Санкциите на САД кон НИС почнаа на 9 октомври со цел да се спречи Русија, како што објави Вашингтон, да ги користи приходите од енергија за војната во Украина.

Условот на американската администрација за отстранување на НИС од режимот на ембарго е НИС да биде ослободена од руско сопствеништво. До октомври, Вашингтон постојано ја одложуваше примената на ембаргото врз НИС.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, на 19 декември изјави дека „Газпром Нефт“ инвестирал повеќе од три милијарди долари во НИС и дека е во тек дијалог со Србија за решавање на прашањето за таа компанија.

Унгарските и српските претставници во последните неколку месеци велат дека унгарските МОЛ и АДНОК од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се заинтересирани за купување на Српската нафтена индустрија.

Нафтената индустрија на Србија беше продадена на Газпром во јануари 2008 година, како дел од руско-српскиот меѓудржавен договор за соработка во нафтената и гасната индустрија, за 400 милиони евра.

Засега нема официјални информации за моменталната куповна вредност на рускиот дел од НИС.

Србија е енергетски зависна од Москва бидејќи НИС снабдува 80 проценти од домашниот пазар со нафтени деривати. Србија, исто така, купува од Русија 80 проценти од природниот гас за своите граѓани и за стопанството.

Белград и Москва имаат блиски политички, економски и воени односи.

Од 2012 година, Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), но не се придружи на санкциите на Брисел против Русија поради нејзината инвазија на Украина.