Јавното обвинителство бара притвор за пет лица од Тетово осомничени за трговија со дете.
Жртвата имала 15 години.
„Првоосомничениот од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш петнаесетгодишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и континуирано манипулирајќи со неа и искористувајќи ја довербата што жртвата му ја укажала, ја довел во состојба на зависност“, соопшти Обвинителството.
Видете и ова: Украдено детство - трговија со деца за присилен брак, казните реткостДевојчето било принудено да користи психотропни супстанции, било доведено во состојба на физичка или ментална неспособност и било вовлечено во сексуална експлоатација.
Според Обвинителството, првоосомничениот злоупотребувајќи ја малолетничката, лажно претставувајќи се како потенцијален љубовен партнер, заради имотна корист ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги на останатите осомничени и на други неидентификувани лица.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека првопријавениот Ф.М. (25) се товари за кривично дело трговија со дете, И.Д. (56), А.С. (30) и Л.С. (28) се товарат за учество во истото кривично дело, а Р.М. (31) за полов напад и за силување.
Во СевернаМакедонија меѓу 2019 и 2024 година имало 30 идентификувани деца жртви од 115 идентификувани жртви на трговија со луѓе (околу 20 отсто). Со нив најчесто се тргувало за сексуална експлоатација, присилни бракови, просјачење, но исто така има и случаи на трудова експлоатација и дупла експлоатација (сексуална и трудова).