Украинскиот претседател Володимир Зеленски го откри најновиот нацрт на мировниот договор постигнат со посредство на Соединетите Држави, со цел да се стави крај на војната на Русија против Украина, која се приближува кон нејзината четврта годишнина.
За време на брифингот со новинарите на 23 декември, Зеленски презентираше план од 20 точки, подготвен во последните недели од преговарачи од САД, Украина и европски земји.
Нацртот опишува целосен и безусловен „договор за ненапаѓање“ меѓу Русија и Украина, иако остануваат спорни точки како што се: територијалната контрола врз источна Украина и судбината на нуклеарната централа Запорожје, најголемиот објект за атомска енергија во Европа.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за нацртот и дека Москва сега го формулира својот одговор.
„Ова е документ што се нарекува рамка - основен документ за завршување на војната, политички документ меѓу нас, Америка, Европа и Русите“, рече Зеленски.
„Подготвени сме за состанок со Соединетите Држави на ниво на лидери за да се разгледаат чувствителните прашања. Прашања како што се територијалните прашања мора да се дискутираат на ниво на лидери.“
Безбедносни гаранции за Украина
Нацртот предвидува силни безбедносни гаранции за Украина, вклучително и одржување на украинските вооружени сили на 800.000 лица во мирно време.
Исто така, се предвидува САД, НАТО и европските земји-потписнички да ѝ обезбедат на Украина безбедносни гаранции што го одразуваат Член 5, централен елемент од структурата на Алијансата, кој наведува дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите.
Видете и ова: Русија „не го видела“ планот за европски безбедносни гаранции за УкраинаДоговорот би бил дополнет со билатерални договори за безбедност и реконструкција меѓу САД и Украина, а на Украина би ѝ било дозволено да се приклучи на Европската Унија во рамките на одреден временски период, се наведува во планот.
Путин неодамна изјави дека Украина треба да отстапи околу 5000 квадратни километри од својот источен регион Донбас, кој Москва се залага да го земе со сила и дека Киев треба официјално да се откаже од својата намера да се приклучи на воениот сојуз на НАТО.
„Линијата на распоредување на трупите од датумот на овој договор е де факто призната како линија на контакт“, рече Зеленски додавајќи:
„Работна група ќе се состане за да го утврди прераспоредувањето на силите неопходни за завршување на конфликтот, како и да ги дефинира параметрите на потенцијалните идни специјални економски зони.“
Остануваат спорните точки
Зеленски рече дека ќе се воспостави механизам за контрола на „линијата на контакт“ со користење на вселенски беспилотен мониторинг и за обезбедување рано известување за прекршувања.
Клучните точки што остануваат, рече тој, ја вклучуваат судбината на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа на територија под руска воена контрола во близина на линијата на фронтот.
Според нацрт-мировниот план, централата ќе биде заеднички управувана од Украина, САД и Русија.
Видете и ова: Годишно обраќање на Путин: Пофалби за успесите на бојното поле и сигнали дека нема отстапкиЗеленски, исто така, посочи дека референдум за мировниот договор и претседателски избори би можеле да се одржат истовремено и дека сите безбедносни гаранции ќе стапат на сила само откако договорот ќе биде целосно ратификуван или одобрен преку референдум.
„Украина ќе го поднесе овој договор до парламентот за ратификација и/или ќе одржи национален референдум за одобрување во формат „да“ или „не“, изјави Зеленски пред новинарите.
Нацрт-договорот, исто така, вклучува одредба според која сите притворени цивили и заложници, вклучувајќи деца и политички затвореници, ќе бидат вратени.