Од први јануари повисоки сметки за струја

илустрација

Од 1 јануари 2026 година цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок. Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто.

„Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 проценти. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54 проценти. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Видете и ова: Од 1 јануари помали трошоци за пренос и дистрибуција на струја

Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или за 57-70 денари на просечната сметка.

Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи да се корегира за 2,50 проценти.

Од следната година пак, се намалува надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ за 3,64% , надоместокот за користење на преносниот систем МЕПСО се намалува за 2,67%, а намалување ќе има и кај цената на МЕМО од 3,40 % .

Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.

Блоковите беа воведени за тие што трошат помалку да плаќаат поевтино, но со воведувањето на надомест за пристап до мрежа, токму тие што трошат малку, плаќаат нешто повисоки сметки во споредба со сега.