Кривичните гонења во Русија за донации на Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК), основана од покојниот опозициски лидер Алексеј Навални, се зголемија за приближно 60 пати од почетокот на целосната инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година. Според анализата на „Норт Реалитис“ на Радио Слободна Европа судовите донеле пресуди за најмалку 90 случаи само оваа година.
Руските власти ја означија Фондацијата за борба против корупцијата како „екстремистичка организација“ во 2021 година, ефикасно криминализирајќи ја секоја финансиска поддршка за групата.
Фондацијата истражуваше корупција меѓу високи руски функционери и бизнис елити блиски до претседателот Владимир Путин и продолжува да работи од странство и покрај смртта на Навални во притвор минатата година.
Според истражниот медиум Медиазона, руските судови решавале два случаи поврзани со донации во 2022 година, четири во 2023 година и 27 во 2024 година.
Податоците собрани од РСЕ/РЛ покажуваат дека бројот драматично скокнал во 2025 година, зголемувајќи го вкупниот број од почетокот на војната на најмалку 123 случаи.
Судовите најчесто изрекувале казни во висина од 1500 до 6300 американски долари, или изрекувале условни затворски казни од три до четири години.
Видете и ова: Сопругата на рускиот опозициски лидер Навални тврди дека тој бил отруенДонациите наведени во случаите обично биле скромни од еден долар па се до 178 долари. Во еден случај, обвинителите побарале казна од 152.000 американски долари за 69-годишниот пензионер Андреј Кужелев, кој донирал вкупно 164 американски долари на фондацијата. Судот го отфрлил тоа барање, но сепак изрекол казна од 6.340 американски долари.
Една од најстрогите казни му била изречена на поштарот Владимир Скворцов, кој бил затворен 12 години за донирање на ФБК и за наводна соработка со Легијата на слободата на Русија, група руски волонтери кои се борат на страната на Украина.
Новинарката Карен Шаинијан и граѓанскиот активист Константин Котов беа осудени во отсуство по обвиненија поврзани со донации за ФБК.
Навални, најистакнатиот руски опозиционер почина во февруари 2024 година во арктичка казнена колонија под мистериозни околности.
Официјалниот извештај од обдукцијата вели дека хипертензијата и други болести предизвикале нарушување на срцевиот ритам, што довело до смртта на Навални.
Сепак, неговата вдовица, Јулија Навални, ги отфрли тие наоди, велејќи дека лабораториските тестови спроведени надвор од Русија на биолошки примероци шверцувани од земјата покажуваат дека нејзиниот сопруг бил отруен додека бил во притвор.
Претходно оваа година, Фондацијата за борба против корупцијата издаде соопштение во кое ги осудува гонењата, велејќи дека ФБК „не се вклучува во никаква екстремистичка активност“ и ги нарекува оние што се цел на руските власти „жртви на отворена самоволие и политичка репресија“.