Нема договор за зголемување на минималната плата. Ова е исходот од денешната седница на Економско-социјалниот совет на кој работодавачите и Сојузот на синдикати на Македонија не се договорија за зголемување на минималната плата пред законското усогласување во март.
Синдикатот најави дека ако нема решение до Нова Година за нивното барање, ќе има протести. Лидерот на ССМ Слободан Трендафилов, изјави дека зголемување на минималната плата е неопходно поради растот на животните трошоци.
„Работниците едвај врзуваат крај со крај. Ако нема договор, ќе следат порадикални мерки по Нова година“, предупреди Трендафилов.
Владата тврди дека не е против зголемување, но инсистира тоа да биде економски оправдано. Министерот за економија Бесар Дурмиши изјави дека инфлацијата во ноември изнесува 0,5%, а на годишно ниво 4%, што укажува на стабилизација на цените. Тој тврди дека според владините индикатори во вакви економски услови нема оправданост за ново зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март, кое според законот во март ќе изнесува околу две илјади денари.
„Поточно ќе знаеме после нова година каде што ќе ги имаме сите податоци и пресметките ќе го покажат точното колку ќе биде минималната плата, односно од месец март кога ќе биде хармонизирана“, изјави Дурмиши.
Видете и ова: Минималната плата веројатно ќе чека „минимално“ покачување до мартПретседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков, изјави дека до законското усогласување во март има простор за преговори, но енормно зголемување е невозможно. Тој посочи дека работодавачите предлагаат проширување на колективниот договор со цел регулација на минималната плата по сектори и намалување на злоупотребите.
„Нашиот предлог е дека со договарањето на минимална плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите, така да топката е помеѓу синдикатите и работодавачите“, вели Бошков.
Владините проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра - покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.
Од регионот, Србија во октомври вонредно ја зголеми минималната плата на 500 евра, со најава дека од 1 јануари со редовно зголемување таа ќе изнесува 551 евро. Албанија исто така најави 500 евра минималец од следната година, а зголемување од моменталните 350 на 425 евра од јануари и на 500 евра од јули очекува и Косово. Во Босна и Херцеговина веќе имаше покачување на минималецот на 511 евра од јануари 2025, додека во ентитетот Република Српска тој изнесува 459.