Главниот град на Северна Македонија, утрото на 21 декември е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Според податоците што ги објавува, покажуваат податоците на глобалниот сервис IQAir, кој повеќе од 60 години го мери квалитетот на амбиенталниот воздух.
Според мерење во живо, во 10:15 часот на 21 декември, Скопје беше втор најзагаден во Европа, по Краков во Полска, а на 25 место на светско ниво.
Поради густата магла во скопскиот регион, утрото повторно имаше одложувања на полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје. Според податоците на веб-страницата на скопскиот аеродром, има одложени слетувања, како што се тие од Измир и Истанбул, но и одложени полетувања, меѓу кои и кон Виена.
Од полноќ до 12 часот на 21 декември, биле откажани 20 лета, а еден бил пренасочен.
Видете и ова: Маглата одложи неколку слетувања на скопскиот аеродромОд ТАВ Македонија, компанијата која управува со Меѓународниот аеродром Скопје, посочуваат дека согласно временската прогноза од метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден.
„Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија. За патниците и јавноста повторуваме - Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е отворен, без разлика на временските прилики. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи се подготвени да ги услужат и авионите и патниците“, нагласуваат од ТАВ Македонија.
Слична беше ситуацијата и во текот на претходното деноноќие. Според информациите од компанијата, од полноќ на 20 декември, до 18 часот, беа откажани 16 летови, а 11 беа пренасочени. Кога се подобриле временските услови, само три авиони успеале да слетаат, а исто толку и да полетаат во попладневните часови.
Поради лошиот квалитет на воздухот, Институтот за јавно здравје изминатите денови излезе и со препораки за граѓаните да останат дома ако не мора да излегуваат, да избегнуваат спорт и други активности на отворено, да не отвораат прозорци кога воздухот е загаден, да користат прочистувач за воздух и да носат заштитна маска.
Маските кои ги препорачуваат од ИЈЗ нагласувајќи дека се со докажана ефикасност се N95 и FFP3, а добра алтернатива велат, може да бидат и KN95.