Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон предложил директни преговори во кои ќе бидат вклучени американски, руски и украински преговарачи - потег што би можел да означи нова фаза во преговорите за завршување на војната во Украина.
„Соединетите Држави ни кажаа дека ќе имаат посебен состанок со руските претставници. Тие го предложија форматот Украина - САД - Русија, а бидејќи се присутни и претставници на Европа, можно е да се вклучи и Европа“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев на 20 декември.
Немаше непосредна потврда од Соединетите Американски Држави(САД), од Русија или од европските земји за промена на форматот на преговорите.
Досега, американските претставници главно одржуваа одделни средби со руски и украински претставници, наместо сите три страни да бидат заедно на маса.
Два круга директни преговори во Турција, во мај и јуни, резултираа со договори за размена на затвореници, но без значителен напредок кон решение на конфликтот.
Изјавата на Зеленски доаѓа по уште една недела интензивна дипломатска и воена активност, додека целосната руска инвазија во Украина се приближува кон својата четврта година по почетокот на 24 февруари 2022.
Американските претставници имаа разговори со европски и украински претставници, самитот на Европската унија одобри заем од 106 милијарди долари за Киев, а рускиот претседател Владимир Путин на 19 декември одржа годишна прес-конференција во траење од четири и пол часа на која тврдеше дека Русија напредува на сите фронтови во Украина и не покажа знаци дека прави мировни отстапки.