Курти го поздрави потегот на ЕУ за укинување на казнените мерки против Косово

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти ја поздрави одлуката на Европската Унија (ЕУ) да ги укине казнените мерки што беа воведени во таа земја во 2023 година, поради тензиите на север, каде што мнозинството се Срби.

Сепак, Курти за време на состанокот на извршната власт рече дека институциите на Косово „не се причина за ескалација на ситуацијата“ на север, туку намалувањето на тензиите во таа област е „токму заслуга на институциите“ на државата.

Тој истакна дека по воведувањето на казнените мерки, кои ќе бидат целосно укинати кон крајот на јануари и кои ќе ѝ овозможат на земјата да добие милиони евра финансиска помош, Косово се соочило со два напада, во септември 2023 година во Бањска во Звечан и во ноември 2024 година во каналот Ибер-Лепенц.

Во врска со двата напада, Курти го повтори својот став дека постојат докази за вмешаност на српската држава.

„Гледајќи наназад, секој компромис со владеењето на правото би бил фатален за Косово. Мирната ситуација, слободното движење и функционирањето на државните институции на северот од Косово се токму затоа што триумфираа владеењето на правото и јавниот ред. И покрај сето ова, никогаш не бевме огорчени кон ЕУ. Останавме целосно посветени на европската интеграција, на исполнувањето на критериумите за членство“, нагласи тој.

Видете и ова: Самоопределување - од движење против власта до власт против сите

Зборувајќи за мерките, тој ги критикуваше партиите што беа во опозиција во претходниот мандат, бидејќи во ноември не гласаа за Планот за раст и трите договори со Светската банка, пред Собранието да се распушти.

„Косово не ги претрпе најголемите финансиски мерки од Европската Унија, туку од парламентарната опозиција“, рече Курти.

Опозициските партии одбија да учествуваат на седницата што ја свика партијата на Курти во тоа време, тврдејќи дека сегашната влада ги користи овие прашања како „инструменти на своите политички игри“.

Недостигот на консензус за создавање нови косовски институции по изборите во февруари доведе до распишување нови избори, кои ќе се одржат на 28 декември.

Заедно со мерките на ЕУ, владата предводена од Курти се соочи со критики од Соединетите Држави за неколку одлуки на северот од земјата, вклучително и затворањето на јавните претпријатија што работеа според српскиот систем.

Видете и ова: Српска листа: Околу 100.000 Срби на Косово погодени од укинувањето на динарот

На север, употребата на српскиот динар е исто така забранета. Србија финансираше паралелни структури на северот и ги поддржуваше Србите таму преку пензии и други бенефиции во динари.

Сепак, институциите ги сметаа овие дејствија како дел од проширувањето на суверенитетот во овој дел од земјата. Соединетите Држави и ЕУ многу од овие дејствија ги опишаа како некоординирани.

Казнените мерки го чинеа Косово околу 613,4 милиони евра во суспендирани или неопределено одложени проекти. Поради пропуштени рокови, 7,1 милион евра беа целосно изгубени, според анализата на Институтот за напредни студии.