Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека се надева дека казнените мерки што Европската Унија (ЕУ) ги воведе врз Косово во 2023 година наскоро ќе бидат целосно укинати.
Таа ги даде овие забелешки за време на состанокот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Брисел, пред самитот ЕУ-Западен Балкан.
Еден ден претходно, косовскиот вицепремиер Бесник Бислими изјави дека бил информиран од Европската комисија дека институцијата „донела одлука за укинување на поголемиот дел од мерките против Косово“.
Според Бислими, проектите за кои станува збор се поврзани со ИПА програмите, во вредност од 34,6 милиони евра.
„Ја поздравуваме одлуката на ЕУ делумно да ги укине мерките, додека се надеваме и работиме на нивно целосно укинување што е можно поскоро. Република Косово покажа конструктивност, соработка и целосно почитување на надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, напиша Османи на Фејсбук.
Според претседателот на Косово, земјата ги исполнила сите услови поставени од европскиот блок и „нема причина да се одложува укинувањето на преостанатите мерки“.
ЕУ воведе казнени мерки врз Косово во летото 2023 година, како резултат на тензиите на северот од земјата, населен главно со Срби.
Европскиот блок почна постепено да ги укинува, но косовските власти инсистираат дека нивното задржување е неправедна одлука, бидејќи условите се исполнети, а Османи постојано повикува на нивно укинување.
Ситуацијата на северот се смири, присуството на полицијата во близина на општинските згради е намалено и е постигнат мирен трансфер на власта во општините со српско мнозинство.
Рикард Јозвјак, уредник за Европа во Радио Слободна Европа (РСЕ) во Прага, од свои извори дознава дека прашањето за неукинувањето на сите мерки против Косово било дискутирано во Брисел минатата недела и дека Франција и Италија се за укинување само на 50 проценти од тие мерки.
Османи е во Брисел, каде што учествува на самит меѓу лидерите на ЕУ и шест држави од Западен Балкан.
Во нацрт-декларацијата од самитот, која ја виде Радио Слободна Европа, а подоцна ќе биде усвоена од лидерите на ЕУ, се наведува дека „иднината на Западен Балкан лежи во нашиот блок. Проширувањето е реална можност што треба да се искористи“.
Видете и ова: ЕУ е подготвена за ново проширување, но кои ќе бидат следни членки и кога?Од земјите од Западен Балкан, Албанија и Црна Гора постигнаа најголем напредок на својот европски пат, додека Косово останува единствената земја што сè уште нема статус на кандидат.
Косово аплицираше за членство во ЕУ во декември 2022 година. Сепак, таа апликација сè уште не ја поминала првата формална фаза - разгледување од страна на Советот на ЕУ, а потоа упатување до Европската комисија за мислење.
Во нацрт-декларaцијата од самитот се споменува и дијалогот меѓу Косово и Србија.
Во документот се наведува дека „недостатокот на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги држи двете земји блокирани на европскиот пат“.
„Сите договори постигнати во дијалогот предводен од ЕУ треба да се спроведат, особено Договорот за Патоказот за нормализација и неговиот анекс. Поддршката во рамките на Патоказот за Западен Балкан и Раста е условена од конструктивен ангажман на партнерите, мерлив напредок и конкретни резултати во нормализацијата на нивните односи“, се наведува во документот.
Од септември 2023 година, неколку дена пред вооружениот напад во Бањска, во Брисел не е одржана никаква рунда преговори на високо ниво. Договорот споменат во нацрт-декларацијата е постигнат во 2023 година, иако страните не го потпишале. ЕУ го смета договорот за обврзувачки за Белград и Приштина и постојано бара негово спроведување, како и спроведување на анексот.
Овој договор, кој има 11 члена, меѓу другото, предвидува одредено ниво на самоуправа за српската заедница во Косово, меѓусебно признавање на државните симболи, Србија да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации и бара од Приштина и Белград да ги спроведат сите претходни договори постигнати за време на дијалогот.