Вучиќ: Една голема компанија и руската страна учествуваат во преговорите за НИС

НИС е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека руската страна и една голема компанија преговараат околу Нафтната индустрија на Србија (НИС), но дека официјален Белград не учествува во тие преговори.

„Мислам дека преговорите се приближуваат кон крајот меѓу руската страна и една голема компанија“, изјави Вучиќ на 16 декември, без да прецизира за која компанија станува збор.

НИС е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Претседателот на Србија, гостувајќи на Радио-телевизија Србија, најави трилатерални разговори околу НИС, во кои ќе учествува и Србија, „до понеделник или вторник“.

Тој нагласи дека продажбата на НИС мора да биде одобрена и од Канцеларијата за контрола на странска имотна сопственост (OFAC) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.

Видете и ова: Вучиќ вели дека постојат три опции за НИС, го наведува 15 јануари како краен рок

Вучиќ изјави дека граѓаните на Србија не треба да се грижат ниту за нафтата ниту за гасот, бидејќи резервите се полни.

„Нашите складишта се полни и во Банатски Двор и во Унгарија. Имаме над 530 милиони кубни метри гас“, изјави тој.

Примената на американските санкции кон најголемата нафтена компанија во Србија започна на 9 октомври, по повеќемесечно одложување. САД инсистираат на излегување на руските компании од сопственоста на НИС, чиј сопственички удел во компанијата во моментов изнесува 56,2 отсто.

Целта на санкциите на САД насочени кон рускиот енергетски сектор, под кои се најде и најголемата нафтена компанија во Србија, е да ѝ се оневозможи на Русија понатамошно финансирање на инвазијата врз Украина.

Ниту американската ниту руската страна јавно не излегуваа со информации за текот на преговорите, а информациите за тоа до граѓаните стигнуваа преку српските официјални лица, најмногу од Вучиќ.